(од последното интервју во октомври, 2020)
автор:Моника Талеска
Тачко Локвенец, новинар и публицист, почитувач на еснафите, вљубеник во книжевноста, поезијата, страстен вљубеник во својот град. Замина на 79 годишна возраст, вчера (19 февруари, 2021), како последица на компликација предизвикана од корона вирусот. Смртта го затекна во болницата во Прилеп.
Иако површната дескрипија на неговиот живот, во моментот на заминување, ќе биде заокружена со неколку реченици: богато творештво зад себе, исклучително негувани пријателски релации насекаде, со исполнет приватен живот, со потомство кое брои веќе 4 внуци, заминувањето на Тачко Локвенец е неповратна загуба за Прилеп. Како ретко кој го почитуваше ритамот и духот на чаршијата. Беше вистински господин во третманот на своите сограѓани. Секогаш наоѓајќи убав збор и оправдување за сечија постапка, секогаш со желба да го истакне најдоброто во човекот, додавајќи му позитивна, димензија повеќе. Имаше ист третман на сите свои сограѓани, не ги делеше луѓето на богати и сиромашни, успешни и неуспешни, за него секој човек беше херој во својот живот. Опишувајќи го Прилеп често ќе речеше, „никогаш нема да биде капиталистички, град на чорбаџии, ами град на работникот, на тутунарот, на еснафот во чаршијата, и тој, што тоа, уште не го научил, допрва ќе треба да се соочува со нашиот намус“,ќе рече Локвенец и на нашата последна професионално-приватна дружба во октомври минатата година, кога го замолив, за интервју.
Тачко Локвенец подготовка на интервју со Јелена Жигон
Почитта ни беше обострана, негувана долги години. Беше некарактеристичен прилепчанец. Едуциран, максимално културен, соговорник кој повеќе сака да слуша, не да умува, со почит кон сечиј труд и дело, со секој збор носеше содржина, го водеше чувството за убаво, за напредок, за конструктивност. Беше човек којшто пријателите ги ставаше на пиедестал во релациите, ненаметлив, од време на време ќе „фрлеше“ по некоја мудрост до која дошол низ личните битки во животот. Живееше чесен, новинарски живот до последен момент, беше пример како треба да се однесува еснафот меѓу себе, со почит и внимание. Едноставно беше единствен речиси по сѐ!
Тоа октомвриско предпладно закажавме средба во пица-бар „Академи“ во центарот на Прилеп. Беше помалку лут, но сепак доволно сончев ден, за да се седне во летната бавча. Како вистински џентлмен ме пречека со почит, со широка насмевка зад заштитната маска, стигнал и предвреме на закажаната средба. Неизбежно разговорот ни почна со опасностите, ризиците што ги носи пандемијата со себе. Стравуваше за своето здравје и многу внимаваше. Седевме на потребна дистанца, момчето не послужи со кафе и разговорот како и секогаш продолжи лесно и пријатно. Овој пат јас бев слушателот.
-Ех, девојче, сега ќе ме вратиш во едни поинакви, но многу убави времиња. 1961 година „Нова Македонија“ објави конкурс за новинари, јас влегов во изборот на 15 млади од 100- ина пријавени кандидати. На 5 мај почнав со работа, ама и со интензивни новинарски обуки во редакцијата. Таму работеа врвни македонски новинарски имиња: Илија Зафировски, Душко Малевски, Бане Ковач, Лазо Наумовски, Бранко Зарезски, Гроздан Попов…, патувајќи со мислите низ времето, зборуваше смирено и стамено Локвенец.
Во својата кариера пишувал и за „Вечер“, „Трудбеник“, „Млад Борец“, „Студентски збор“, „Флака е влазними“, за повеќе списанија во поранешна Југославија, а добитник беше и на неколку новинарски награди.
-Овие новинарски брендови бараа многу строг поглед, осврт на тоа што го гледаш и пишуваш. Мој фах беа репортажите, ги пишував со задоволство, сраснував со настанот, со темата. За да напишеш репортажа за една стоковна куќа, тогаш, требаше добро да го перцепираш и со моќта на перото да го пренесеш однесувањето на продавачите, да ги натераш тие да коментираат за цените, за третманот на раководителите, за тоа колку хигиената е на ниво, а да добиеш одговор и од купувачите. „Нова Македонија“, ја интересираше токму сѐ, објаснуваше Локвенец, со својот длабок радиофоничен глас, привлекувајќи го вниманието на другите гости во локалот.
Свежо се сеќаваше на настанот врзан за вториот новинарски текст. Добил задача да го посети Социјалистички сојуз во Скопје.
-Беше зимно време. Мајка ми, ми прати паларија од вујко ми, изгледаше смешно на мене, но се чував од студот. Дента уредникот ми даде задача да одам во Социјалистички и да правам интерву со Страчков. Јас со паларијата на глава и без „добар ден“, влегов и му велам: „ дојдов за интервју!“ Човекот ме погледна, ми даде знак да седнам, за неполн час јас завршив со интервјуто и излегов. Малку забавив со одот во холот и слушам, тој веќе ѕвони во мојата редакција и вели: „Кој беше овој ајдук што го пуштивте, ни тропна, ни … а, тука и сликата на Тито, тој седи со паларијата на глава, минимум култура да се немало“ … хахаха … се враќам во редакција, уредникот ме чека на врата: „добро бе Тачко, знаеш каде те пративме, знаеш кој е Страчков…!!!“ … А, мене уредник, Бане Ковач. Хаха, ете такви беа тие времиња, јас пак млад, бурен, и тукушто влезен во новинарските води …, раскажуваше со насмевка Локвенец.
Од својата реминисценција врзана за кариерата избра уште еден убав момент. Зборувајќи со пиетет за својот тогашен уредник, Илија Зафироски, се присети на моментот кога пет пати го враќал за да напише една вест и повторно не му наоѓал мани.
-Ете тогаш во редакцијата заклучија дека не ме бива за вести, туку за репортажи. Иточно, јас уживав да правам репортажи. Каде и да ме пратеа, која тема да ми ја дадеа, ќе направев читана репортажа. Секој новинар не го бива за сѐ, мора да се пронајде. Многу полесно е да влезеш во професијата и да откриеш за што те бива најмногу, ако учители ти се мајсторите на занаетот, вака искрено без ни трошка фалба за себе и со огромна почит за своите колеги, уредници, зборуваше Локвенец.
Тој подоцна се вратил во Прилеп. Еден период работел во „Црн Бор“, а бил задолжен за пропаганда. Сепак продолжил хонорарно да работи за „Нова Македонија“. Во меѓувреме се случил интересен настан. На редакциски колегиум била донесена одлука, Тачко Локвенец да ги следи летните „Олимписки игри“ во Минхен во 1972 година. Редакцијата обезбедила сѐ, и дневници и престој. Но, еден од вработените во „Црн Бор“, не му го предал писмото од редакцијата.
-Аберот не стигна до мене, портирот не ми го даде писмото, па подоцна требаше да се правдам пред уредникот Анте Поповски, зошто не сум ја прифатил обврската да заминам во Минхен. А, дури тогаш дознав дека редакцијата одлучила, јас да одам. Ама животот има чудни патишта. И денеска не знам дали тоа што аберот не дојде до мене, беше арно или лошо за мене. Оти за време на игрите се случи „Минхенскиот масакр“…, раскажуваше Тачко, сеќавајќи се за многу други згоди и незгоди коишто се неизбежни за посветена повеќедецениска новинарска кариера, каква што имаше Локвенец.
Работел и во „Народен глас“ во 1967/1968 кога уредник на локалниот неделник бил Бранко Илиески. Тиражот на неделник тогаш достигнал 5000 примероци, поради текст на Локвенец, на тема: „Колкави се личните примања на директорите и шефовите“. Тој податоците ги добивал од „инсајдери“, зашто во тоа време било неможно да се дојде до точна официјална информација за вакви теми. Написот предизвикал вистински „бум“ и во градот и со неделникот.
-Интересно е што таа бројка 5000, ќе ме следи низ животот. Благоја-Платнар и Трајче Крстески еден ден ми предложија написите во „Нова Македонија“ да ги публикувам. Така излезе од печат мојата прва книга „Судница –Лудница“ токму во 5000 примероци. Неколку месеци потоа, шетам низ Охрид и во еден момент, гледам две дами слатко се смеат, а едната од нив, ја држи во рака токму мојата книга „Судница- Лудница“. Само не знам кој дел од книгата го предизвикал нивното расположение, низ смеа рече Локвенец.
Тој е автор и на повеќе други дела: „Ние сме тука“, „Љубовни приказни“, „Вест и власт“, „Илинденски обелиск“, монографија за 60 годишниот јубилеј на прехранбениот гигант „Витаминка“… Последните две години од неговиот живот работеше посветено на книгата со работен наслов: „Бес и чест“, со намера, како што велеше, да даде пресек на македонското новинарство од осамостојувањето на Македонија до денес. Но, не успеа да го финишира својот труд.
Локвенец е коосновач, а потоа и сопственик на списанието „Порта“ коешто бележи издавачки континуитет од 2002, па до март 2020 година кога го издаде последниот број.
-„Порта“ е урбан магазин кој ги бележи успесите на поединецот и колективот, со избрани зборови, без критика третира теми под мотото: „нека ве критикуваат вашите луѓе, ние не“. Весникот имаше раст од 2800 примероци и излегуваше секој месец до 2016 година. Но,за новинарскиот труд се чини никогаш нема доволно пари во општеството, па оттогаш се печати, секогаш кога ќе има можност. Сметам дека општеството треба да ги поддржува медиумите, зашто тие се хроничари на времето, луѓето, настаните … Без медиум нема историја за еден народ, за еден град, за една земја… А, Прилеп, никогаш нема да биде капиталистички град. Прилепчани се посебни луѓе, по многу нешта единствени, и ако човек ги опишува треба многу атрибути. Поради ова, останав овде, на корените, рече Локвенец.
Делото на Тачко Локвенец, кратко срочено во овие оскудни редови, всушност е пребогат новинарски и писателски труд со секојдневен полнеж од 1961 до 2021 година. Зашто само новинарите знаат дека овие професии не познаваат пензионерски денови. За новинарите нема одмор, нема пауза. Локвенец секогаш при себе имаше некоја белешка, нечија мисла, чуваше во својата домашна библиотека и работна соба, стотици списанија, весници каде беа објавувани негови написи, мисли, трудови, осврти, репортажи во редовни рубрики. Неизоставно имаше избрана лектира, исто како што секојдневно излегуваше во чаршијата да се сретне со еснафот. И тогаш кога официјално се пензионираше, немаше ниту ден пауза, одмор. Беше активен, аналитичен, но никогаш наметлив. Со убав збор за другите, но многу скромен за себе и своите. Тој успеа во сите бури, невремиња, со срце и душа, око и уво, будност и мудрост да го открие, опише, презентира, да го поттикне убавото, конструктивното, позитивното во граѓаните и градот. Неговите написи ќе останат пишани споменици за неговиот роден Прилеп, за земјата низ времињата минати и сегашни. Локвенец има свој огромен влог во пишаната новинарска историја за градот, која што ќе говори дека на овие простори живеел и живее народ кој што ја сака и почитува својата земја. Ете таков беше Локвенец. Роден во Прилеп на 9 април 1942-та. По 79 години патување, замина оставајќи богато сведоштво за своето постоење.
Вечна слава, драг колега!
Почивај во мир, пријателе!