Кривични за 51 лице и 28 фирми, штета од над 8 милијарди денари

Финансиската полиција од почетокот на годинава, заклучно со вчерашниот ден, поднеле 28 кривични пријави против 51 лице и 28 фирми, а се однесуваат на сомненија за 48 кривични дела.

Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми, изјави дека штетата која е причинета во овие случаи изнесува над 8 милијарди денари.

Пријавите се поднесени до надлежните јавни обвинителства, меѓу осомничените има и актуелни функционери.

Директорот најави дека очекува брза реализација и на други предмети за кои во моментов се обезедувааат докази. Тој рече дека е задоволен од соработката со обвинителствата, но нагласи дека им е потребно повеќе време за „убедување“ на обвинителите, кои се правници, дека во одреден случај навистина има финансиски криминал.

Директорот на МРТВ земал кредит без дозвола

Една од пријавите е против директорот на Македонската радио телевизија, Марјан Цветковски, за злоупотреба на службената положба и овластувања. Случајот се однесува на кредит од 140 милиони денари кој тој го зел од една домашна комерцијална банка.

Како што информираа од Финансиската полиција, тој како залог на кредитот го ставил целиот движен и недвижен имот во вредност од 294.459.822 денари односно 154.452.822 денари повеќе од вредноста на кредитот.

А сето тоа, според надлежните, тој го направил без да добие согласност од Собранието кое е основач и сопственик на јавниот сервис. Со тоа е прекршен Законот за јавни претпријатија.

Веднаш што го добил кредитот, околу 30 милиони денари директорот уплатил за долг кој МРТВ го имала кон БЕГ.

Во случајот кривична за злоупотреба на службената положба добила и нотарката која ги заверувала документите за кредитот бидејќи тоа го направила без да побара да ѝ се достави согласност од Собранието.

Институтот за јавно здравје „простиле“ долгови од над 650.000 евра

Директорот на ЈЗУ Институт за јавно здравје, Шабан Мемети, раководител на Секторорот за логистика и правно-финансиски работи и референт на наплата на побарувања „простиле“ долгови кои граѓани и фирми ги имале кон оваа институција и направиле штата од над 650.000 евра.

Против тројцата е поднесена кривична пријава бидејќи не преземале ништо за да наплатат долгови и фактури кои кон Институтот од 2010 до 2017 ги имале поголем број на фирми и физички лица. Тие не доставиле опомени за тужби и не дале налози за тужби .

Со непостапувањето, дел од долговите во износ од точно 40.709.621 денари (околу 660.000 евра) застареле и во 2017 биле отпишани.

#КрајЗаРасипништвото

Токму заради ваквите и низа други случаи, на актуелните и поранешните фукционери, ЦИВИЛ – Центар за слобода неодамна ја започна иницијативата #КрајЗаРасипништвото.

ЦИВИЛ формираше граѓанска работна група за спроведување на иницијативата на 5 јуни 2019, кога се одржа и трибина на истата тема. Прв чекор на ЦИВИЛ и Работната група е онлајн петиција со барања за укинување на привилегиите на функционерите.

М. Ивановска