Анѓушев: Владата активно работи на привлекување на реномирани странски инвеститори

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и премиерот Зоран Заев, учествуваа на инвестициски форум во организација на Фајненшал Тајмс и Европската Банка за обнова и развој, кој се одржува во Лондон.

Анѓушев зборуваше за економските политики на Владата, за мерките за привлекување на нови инвестиции, како и за зголемување на регионалната економска соработка.

„За успех на бизнисите во која било држава потребни се многу предуслови, но веројатно два се најважни: стабилност, од политичка гледна точка и постоењето на владеење на правото во државата. Тие два предуслови се важни за каква било инвестиција, дали домашна или странска. Сметам дека ние, како Северна Македонија, направивме многу во оваа насока, бидејќи не знам што би било подобро за стабилноста на земјата од тоа да ја внесеме земјата во НАТО и Европската унија“, изјави Анѓушев.

Анѓушев додаде дека Владата активно работи на привлекување на реномирани странски инвеститори, а мерките од Планот за економски раст даваат позитивни резултати, со рекордно ниво на странски директни инвестиции од 624 милиони евра и околу 20 нови странски компании кои реализираат инвестициски проекти во земјата.

„Компаниите имаат можност да потпишат договор за долгогодишен закуп на земјиште во технолошко индустриските развојни зони, по релативни ниски цени, во кои се вклучени и изградба и уредување на инфраструктура, поврзување со електро енергетскиот систем, снабдување со вода и гас и други потребни услуги, а во слободните економски зони добиваат и ослободување од даноци во период од 10 години. Покрај сето ова, тука е и повратот на инвестиции и поддршка за центри за истражување и развој. Задоволни сме бидејќи привлековме повеќе од 20 компании од развиениот свет: од САД, Канада, Германија, Швајцарија и други земји, 20 компании во изминатата година и пол кои веќе градат фабрики во овие зони“, изјави тој.

Анѓушев се осврна и на реформите во енергетскиот сектор, како и можностите кои се отвораат со донесување на новиот Закон за енергетика, усогласен со европските регулативи и директиви.

„Минатата година, во мај, усвоивме нов Закон за енергетика со кој ги отворивме вратите за обновливи извори на енергија, отворивме простор за фотоволтаици до 300 МW што за нашата мала држава и систем е навистина голема бројка. Исто така, зборуваме за ветерници, електрани на био-гаси био-маса и затоа сите инвеститори се добредојдени да ги истражат овие можности. Што се однесува до фотоволтаиците, нудиме модели со Премија, за ветерници и био-гас нудиме фидин тарифи. Тоа значи дека нудиме голема поддршка и сакаме да постигнеме највисоки нивоа на инсталиран енергетски капацитет во обновливи извори“, додаде Анѓушев.

А. П.