Милошоски ја манипулира јавноста со стари фотографии и дезинформации

Поранешниот министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, инаку осомничен во случајот „Моќник“ на СЈО за кривичните дела Измама и Злоупотреба на службената положба и овластувања., повторно неуспешно и проѕирно, се обидува да манипулира со јавноста, објавувајќи фотографија од текст објавен дури во април годинава, а кој веќе не е валиден со оглед на развојот на настаните. Тој, се обидува да го поврзе стариот текст со Советот за општи работи на Европската Унија што се одржа вчера во Луксембург.

Имено, Милошоски не само што употребува стари вести, туку и шири дезинформации за тоа кои земји се изјасниле против отпочнувањето на преговори со Северна Македонија за членство во Европската Унија.

Важно е јавноста да се запознае дека ваков вид на одлука воопшто не е донесен, а ниту, пак, земјите членки на овој Совет гласале за или против отпочнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Она што е донесено како конкретна одлука за Северна Македонија е дека конечната одлука ќе биде донесена во септември.

Да ја потсетиме јавноста, но и Милошоски, кој толку лесно се расфрла со бајати и лажни информации, но и со имиња на држави кои наводно се против датумот за преговори дека, на пример, Парламентот на Холандија, на 12 јуни, ја отфрли предлог-резолуцијата од неколку холандски пратеници за блокада на преговорите со Северна Македонија, со што ѝ даде зелено светло на нашата земја, а ја исклучи Албанија од пакетот.

Содржината на која се повикува Милошоски е објавена на 29 април 2019 година

Исто така, дегутантни се денешните соопштенија на партијата на Милошоски, со истиот речник, за наводниот „ладен туш“ за земјата.

„На ЕУ не ѝ требаат преговори со аболицирани политичари кои се живи фатени како бараат мито од едно евро по метар квадратен. Повеќе земји членки, докажани пријатели на Македонија, биле против доделување на датум. Може да се разбере нивниот револт кон катастрофата наречена Заев, но не може да се оправда казнувањето на државата и народот заради неспособноста и корумпираноста на Заев и картелот околу него“, стои во соопштението на партијата која има наголем број на функционери во државата за кои се водат судски процеси, а дел од нив веќе имаат и правосилни пресуди за своите криминали, вклучувајќи го и нивниот почесен претседател, азилантот Груевски.

Она што е уште потрагично во целиот мозаик на лажни вести е поддршката од страна на медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ кои, наместо да ѝ помогнат на партијата за која одработуваат и да им сугерираат да не шират невистини, само им помагаат во мултиплицирање на лажните вести и создавање искривена слика за тоа што се случи вчера во Луксембург и воопшто, што се случува со евроинтеграцискиот процес на земјава.

Маја Ивановска/ЦИВИЛ