ЦИВИЛ нема да отстапи ни милиметар од барањата да се стави крај за расипништвото

Трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО (#КрајЗаРасипништвото) во организација на ЦИВИЛ, ќе се одржи денеска (среда, 5 јуни) во клубот Менада во Стара Чаршија, со почеток во 17 часот. Поканети се сите заинтересирани граѓанки и граѓани, медиуми, политичари и функционери. За трибината нема посебни покани и протокол, туку самото соопштение може да се смета како отворена покана за сите заинтересирани да учествуваат на трибината.

Во воведниот дел од трибината, претставниците на ЦИВИЛ ќе презентираат барањата на организацијата, како и на дел од стотиците пораки, предлози и ставови на граѓанките и граѓаните за оваа тема. По воведот, се очекува учесниците на трибината да ги искажат своите ставови и да предложат решенија врз чија основа ќе се води иницијативата во иднина.

„Ова е голема и сериозна иницијатива што веќе во првиот час по првото соопштение доби широка и искрена поддршка. Заедно со граѓанките и граѓаните, ќе ставиме крај за расипништвото во нашата земја. Тоа расипништво е озаконето во парламентот, затоа бараме тоа и да се стави вон законот токму во парламентот. Генерации и генерации политичари креираа закони со кои им се даваат привилегии на функционерите, избрани и именувани, на локално и државно ниво, креираа закони според кои стана нормално и законски дозволено јавното добро да биде злоупотребувано и ограбено. Функционерите треба да знаат дека привилегија треба да им биде тоа што им служат на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, а не да грабаат функции, за да се збогатат како султани! Ние, заедно со граѓанките и граѓаните, ќе му ставиме крај на тоа расипништво!“ – изјави Џабир Дерала на почетокот на денот на кој се одржува трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО.

Иницијативата започна со соопштение на ЦИВИЛ на 14 мај, за потоа, организацијата, во присуство на голем број медиуми да достави барања до парламентот на 17 мај, во пет минути до 12 часот. Неколку политичари ја дадоа својата поддршка веднаш и во деновите по почетокот на иницијативата, иако не сите го споменаа името на ЦИВИЛ, организацијата што ја поведе иницијативата.

„Поддршка од граѓанките и граѓаните, како и од медиумите имаме. Ја очекуваме поддршката од сите совесни политичари. Воедно, во името на ЦИВИЛ и на сите што овие денови ни испраќаат пораки и предлози, ветувам дека нема да дозволиме оваа иницијатива да биде киднапирана, а нејзината острица затапена. Нема да отстапиме ни милиметар од нашите барања. Ќе одиме докрај!“ – вели Дерала во својата изјава за медиумите.

За тие што не можат да дојдат на трибината, тимот на ЦИВИЛ ќе биде во клубот Менада од 12 часот, па натаму, за да ги прими и архивира или да сними изјави од сите што имаат идеја како да придонесат кон оваа иницијатива. Воедно, ќе биде обезбеден и пренос во живо на Јутуб видео каналот на ЦИВИЛ и на Фејсбук страницата на организацијата. Еден дел од екипата ќе ја следи активноста на социјалните медиуми, коментарите и предлозите што ќе пристигнуваат во текот на денот, а дел од нив ќе ги презентира и на самиот настан. Хаштагот на иницијативата е #КрајЗаРасипништвото (#FundShpërdorimit, #EndProfligacy).

Канали на кои ќе се врши директниот пренос на трибината КРАЈ ЗА РАСИПНИШТВОТО на 5 јуни (среда) со почеток во 17 часот:

CIVIL YouTube
CIVIL Facebook


Контакти на кои може да се доставуваат коментари и предлози:

[email protected]
[email protected]
www.facebook.com/civil.mk