Музичкиот перформанс „Непокорни“ од ООУ „Климент Охридски“ најдобар на ревијалните училишни смотри

Градоначалникот Илија Јованоски синоќа  во центарот за култура „Марко Цепенков“ ги отвори „Ревијалните смотри“ на основните училишта од Прилеп. Претходно секое училиште имаше свои манифестации, а најдобрите учесници, беа дел од ревијалната вечер, каде што секое од седумте основни училишта беше претставено со по две точки.

 „Во овој период од годината кога наставниците и учениците се при крај со учебната година и заморните лекции, наоѓаат време слободните ученички активности да ги искористат за припремање на училишните смотри кои како една долга традиција во нашиот град се пренесуваат од година во година, од генерација на генерација и сето ова претворајќи се во спомен од школските денови . Знаењето,упорноста, посветеноста и истрајноста се клуч на успехот. Зато овие приредби и спремањето на истите на учениците им помагаат преку годината  да се релаксираат од секојдневието, а секој наставник во овој период се обидува  од својот ученик да го изнесе секој негов талент“, истакна градоначалникот Илија Јованоски.

Девет челената жири комисија одлучи првото место на овогодинешните  ревијални смотри да го добијат учениците од ООУ „Климент Охридски“ со перформансот „Непокорни“. Втората награда им припадна на учениците од  „Блаже Конески“ со музичкиот перформанс  „Зумба дечки“, а трето наградени беа учениците од ООУ „Добре Јованоски“ кои ја подготвија моно драмата „Јас се заљубив“. За прв пат оваа година беше доделена и награда за најдобро украсена сцена на ООУ „Добре Јованоски“.

Во оваа манифестација која што традиционално се организира во мај, секое основно училиште учествува со своја културно-забавна програма.