Чавков е притворен оти МВР стекнаа сознанија дека планира да избега

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска вели дека побарале притвор за Митко Чавков врз основа на оперативни сознанија добиени од МВР и дека нема причина да се сомневаат во информациите на полицијата дека посотои опасност тој да избега.

Поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, вчера заврши во истражниот затворот во Шуто Оризари, откако судот му одреди нов 30 дневен притвор. Решението за одредување на притворот се базира на службена белешка од сознанија добиени од негов пријател, кој јавил дека Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април. Неговото семејство демантира дека сакал да побегне и дека има вила во Халкидики.

Чавков е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок, како носител на златната команда во оперативниот штаб за инцидентите на 27-ми април. Тој се бранеше од слобода откако му беше прифатена гаранција со имот во вредност од 600.000 евра, на 30-ти април минатата година.