Нема стечај за „Фени“

Скопскиот Апелационен суд ја потврди одлуката на Велешкиот суд со која е прифатен планот за реогранизација на комбинатот поднесен од компанијата ГСОЛ.

Со оваа одлука кавадаречкиот „Фени“ излегува од стечај, а сегашниот закупец ГСОЛ, преку неговата македонска фирма „Еуроникел“ може да стане сопственик на „Фени“. Тие се задоволни со оваа одлука на судот, и според нив со ова се отовора можност за нови инвестиции кои ќе придонесат на комбинатот да му се врати некогашниот сјај и придонес за македонската економија.

Во текот на минатата година над 80 милиони евра се инвестирани од страна на ГСОЛ со цел комбинатот „Фени“ да ја намали несигурноста на своите кредитори и добавувачи и да ја одржи работата на комбинатот, односно да произведед над 10.000 тони никел за извоз во 2018 година.

Од ГСОЛ изјавуваат дека: И покрај бројните обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на комбинатот, последната и конечна одлука на судот докажува дека не се констатирани никакви неправиности, а стечајната постапка на „Фени“ беше регуларно и тренспарентно спроведена, за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за „Фени“ и сите засегнати страни од неговото работење. После сите превирања, оваа одлука најголемо значење има за вработените и фирмите кои соработуваат со „Фени“ и целиот кавадаречки регион.

Пред да биде отворена стечајната постапка во ноември 2017 година, поради финансиски потешкотии во октомври 2017 година, под раководство на претходните сопственици, „Фени“ престана да работи. Комбинатот „Фени“ повторно почнува да работи во февруари 2018 година.

Во својот план ГСОЛ предвидува да се подмират сите побарувања на доверителите, да има нови 700 до 800 вработувања чија главна цел е да се стартуваат нови производствени линии.

Иднината на фабриката е во рацете на ГСОЛ, која во рок од 3 месеци мора да го спроведе планот, под надзор на стечајниот управник Мирослав Анастасиевски. Доколку во овој рок планот не се спроведе, можно е комбинатот повторно да отиде во стечај.

Државните институции го обвинија „Кунико“, поранешниот сопственик на „Фени“ дека со фиктивни фактури и незаконски начин на работење од комбинатот изнел над 50 милиони долари. Наспроти ова обвинение, „Кунико“ се обидува преку меѓународни судови да докаже дека на незаконски начин му е одземена фабриката.

Ј.М.П.

civilmedia.mk