Крадам од сиромашните, за да им дадам на богатите

Легендарниот стрип јунак Суперхик, неговото античко отелотворување, всушност, живее во Македонија. Тој е роден во брак од интерес, со нејасно етничко потекло, а единствена вера му е правдата на богатите. Од мали нозе сфаќа дека, иако потекнува од сиромашна средина, своите неповторливи таленти треба да ги стави во служба на богатите. Оттаму и произлегува неговата универзална животна и професионална девиза: „Крадам од сиромашните, за да им дадам на богатите“.

Џабир Дерала

Во македонската политичка питореска, Суперхик се вклопува маестрално. Да нема забуна, по еден изданок од видот на Суперхик има и во останатите балкански држави, било да се банани што божем прават нешто за да влезат во ЕУ или ананаси, па успеале да се протнат низ (божем) строгиот филтер на ЕУ. Администрацијата на ЕУ, пак, се раководи од еден слоган, вткаен во тајните оперативни документи, а тоа е: „Кој спие, тој не е буден“, чиј автор е „лепушкастиот“ Алан Форд, инаку таен советник во Брисел, хонорарно.

Што се однесува до Суперхик, тој има повеќе супер таленти од кои два се најпознати: има силен, зашеметувачки алкохолен здив и способност да лета. Тие две супер способности го прават извонредно мобилен и смртоносен за непријателите на богатите. Не мора да се движи низ сообраќајните гужви и загадениот воздух кој, впрочем, само му помага, а со своето оружје, здивот, може да зашемети и најревносен бедник што ќе се дрзне да им се противстави на богатите и моќните.

Без Суперхик, богатите би биле изгубени. Со децении наназад, тие се навикнаа на верната служба на овој свој самоиницијативен заштитник. Тие не би имале храброст, ниту можности да ги раководат своите бизниси врз основа на двата принципи: „Не е важно да се учествува, важно е да се победи“ и „Подобро да живееш сто години како милионер, отколку седум дена во беда“, како што еднаш извика и често егзалтираниот Боб Рок.

Слушам дека овие денови Никола Груевски, откако Маѓар Суперхик го „прелета“ до Будимпешта кај неговиот бизнис партнер и ајдучки јатак Орбан, е во комуникација и со Сир Оливер. Тој со Грујо споделил една стратегија што извира од искуствата на братучедот на неговиот мистериозен партнер Бинг, па во последната шифрирана порака му напишал: „Почни со диета, така можеби ќе успееш да се протнеш низ решетките во затворот. Друго решение нема.“ Тоа се нарекува потрага по второ мислење. А јавноста што, во име на богатите, ја контролира Суперхик се поведува по изјавата на познатиот адвокат од сицилијанската школа: „Сето тоа е плод на полициската фантазија!“ и на екс испива добра доза виски.

Како што стојат работите, изгледа дека Грујо, сепак, ќе ја игнорира пораката на Сир Оливер и ќе се потпре на услугите на Маѓар Суперхик. Да нема забуни, и Орбанистан си има свој Суперхик кој себеси патриотски се идентификува со префиксот Маѓар.

Македонскиот Суперхик не страда од идентитетско-патриотски теми, иако во својата борба ревносно ги употребува сите валкани оружја за да го засили ефектот од својот смрдлив здив. Иако сиромашните во Македонија имаат сѐ помалку пари, тој непречено работи на собирање и на последните трошки од нивните скудни трпези и послушно лета да ги сервира во шпајзот на богатите.

Иде зима, па во цвеќарницата на Неговото височество Број Еден е сѐ постудено. Тој се нервира кога гледа дека неговите соработници дека е храбар оној „кој лежи, не бега“, но зимата иде, а и новата сезона на „Игра на троновите“, па тој помирливо слегнува со рамениците.

Малкуте преостанати активисти во овие доцни ноемвриски денови понекогаш, минувајќи пред цвеќарницата на Број Еден, извикуваат: „Подобро да се пие вода, а не нафта“, а потоа продолжуваат со пополнување апликации за работа токму во таа цвеќарница.

Мицкоски, пак, од стражарницата на палатата под стечај, со сателитски телефон, комуницира со Суперхик, му дава инструкции за одржување на неговите хидроцентрали и му повторува: „И ќе им кажеш! Подобро е да издадеш книга, отколку пријател! Немој сега да паднам на колена!“ Тој, пак, во одбрана на Грујо, клиентот на неговиот партнер Маѓар Суперхик, му одговара со цитат од Број Еден: „Подобро тактичко повлекување отколку крвав пораз!“

Тоа е, накратко, дел од сторијата за Суперхик за кого има уште многу да се пишува. И да се пее. А што друго да прави човек (сиромашен) во ноември?