Криминалот не смее да се исплати

Имаме голем проблем во Македонија. Проблем кој актуелната власт нема намера или не е способна да го реши. Тоа е проблемот на воспоставување на владеењето на правото кое единствено може да обезбеди криминалот да не се исплати.

Мирјана Најчевска

Најновите протести, со насилничката иконографија, со говорот на омраза и повикувањето на линч, се само најнова манифестација на нежелбата или неспособноста на актуелната власт да почне да го гради системот на правото, на местото на политичко-партиски диригираното насилство.

Што пропушти да направи владејачката структура во изминатиот период?

Прво, пропушти да ја деконструира коруптивно-насилничката вмровска структура инсталирана во сите државни институции. Не беа направени такви структурни промени кои ќе ги тргнат од местата на влијание кадрите на ВМРО-ДПМНЕ инсталирани единствено со цел да го спречат функционирањето на државната машинерија и да овозможат корупцијата, крадењето и измамите да бидат восприемени како нормален начин на работење на овие институции. И ниедна институција не е исклучок од ова!

Второ, не поставија министер за внатрешни работи кој ќе направи потполна реорганизација на МВР, ослободување од сите корумпирани кадри, воспоставување одбранбени механизми кои ќе спречат пробив на вакви кадри и таква командна одговорност која овозможува ефикасно откривање на злоупотребите на должноста.

Трето, не поставија за Републички јавен обвинител моќна и храбра фигура која ќе загризе во борбата со организираниот криминал, туку нежен, компромисен човек кој ги гали криминалците и им шепоти на увце; и не направија проветрување на судовите од веќе идентификуваниот несоодветен и корумпиран кадар.

Четврто, не обезбедија функционирање на контролните механизми (Уставен суд, Народен правобранител, Комисија за спречување на корупција, Комисија за заштита од дискриминација), кои ќе го врамат евентуалното политичко-партиско самоволие и ќе се справат со рецидивите од минатото.

Петто, не ја тргнаа иконографијата на фашистико-мафијашката багра која беше на власт и која овозможува градење лажен идентитет околу кој се собира националистичката маса и се гради војска од насилници.

Шесто, не овозможија функционирање на Собранието како највисоко тело на власта во државата, а не бесмислен приврзок на политичката партија.

Седмо, во време кога требаше да бидат направени длабоки резови на промена, понудија христијанско простување со кое се маскира насилството, се оправдува примитивизмот и се оневозможува промената.

Осмо, влегоа во добро разгазените чевли на претходникот кои толку лесно ги водат по патеките на корупцијата, непотизмот, непрофесионалноста и неодговорноста.

Деветто, решија да преговараат со мафијата, а да кохабитираат со нејзините пипци. Преговарањето со криминалци или те прави многу наивен или пак те става во ист кош со криминалците, а кохабитацијата пак дури и го рехабилитира и легализира криминалецот!

Не, не е проблемот во тоа што побегна Груевски. Не е проблемот ни во тоа што Гордана Јанкуловска, или Никола Тодоров и Елизабета Канчевска од џелати преку ноќ станаа жртви. Не е проблемот ни во тоа што Сашо Мијалков е сѐ уште сопственик на пола Македонија. Не! Тоа се само надворешни манифестации.

Проблемот е во тоа што не се гради системот на владеење на правото и во тоа што насилството продолжува да биде највисока доблест, а криминалците рамноправни партнери во политичкиот дијалог.

Во тоа е проблемот.

civilmedia.mk