Ученици од Западен Балкан во посета на Општина Прилеп

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски денеска беше домаќин на „Караванот на пријателство“ од Западен Балкан. Триесетина ученици од 5 училишта од Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и нашата земја, коишто денеска престојуваа во Прилеп, беа гости во Општина Прилеп, со нивните наставници.

„Прилеп е град – со богата историја, со бројни културно-историски споменици, тој има значајно место и на туристичката мапа на Балканот. Овој град и неговата местоположба овозможуваат развој на низа алтернативни спортови, затоа последните години Прилеп е средиште на многу спортски настани кои што му обезбедуваат сигурно место на картата и на екстремните спортови. Но, најзначајно е што Прилеп е место, каде што секогаш ќе ве пречекаат срдечни луѓе, а угостителите ќе ви понудат вкусна храна сервирана со насмевки“, рече градоначалникот Илија Јованоски,изразувајќи им добредојде на гостите од Западен Балкан.

„Се заблагодарувам на градоначалникот на срдечниот пречек. Ние сме делегација во рамките на проектот ‘Училишно огледало’, која што доаѓа од училиште во Крагуевац, кое што е носител на проектот. Се работи за вмрежување на 5 училишта од регионот на Западен Балкан, од Босна и Херцеговина, Србија, Македонија и две училишта од Албанија. Проектот се состои од ‘Караван на пријателството’, којшто тргна од Сараево, а завршува со камп во Охрид. Тоа се наши главни активности“,вели Горица Пантелиќ, координатор на проектот„Училишно огледало“.

Целта на проектот е  младите од овој регион, да се запознаваат, дружат, да ги запознаваат традициите,обичаите и културите на овие простори. Наставниците негуваат надежи дека учениците што се дел од проектот, пријателските врски ќе ги негуваат и доживотно ќе соработуваат.

„Ние сме воодушевени од пријателството и комуникацијата што децата ја воспоставија за два-три дена, во која што се брише разликата меѓу училиштата. Општ впечаток  е дека сите ученици доаѓаат од едно училиште. А, за нас како нивни наставници и како луѓе од регионот,тоа е и најбитно“, акцентира наставничката Пантелиќ.

По кампот во Охрид,сите училишта во март следната година се гости во Крагуевац, каде што ќе се одржи конференција во рамки на проектот којшто ги брише бариерите, стереотипите и предрасудите меѓу младите во регионот.