Прилеп меѓу турбо фолк и криминален „фолклор“

Време е да се тргнеме од нивата каде што ора ѓаволот!

Автор: Моника Талеска

„Кој со ѓаволот тикви сади, ѓаволот очите му ги вади!“ Вака гласи народната поговорка. Пораката треба да стигне до секој, којшто на кој било начин е поврзан со поставувањето на двете бомби пред кафулето „Кафе ин“ во Прилеп, во рок од 10 дена. Зашто, граѓаните никако не смеат да бидат заложници, на нечии валкани интереси, на подземјето. А, полицијата никако не смее да дозволи, да ни се повтори трагедијата од 2005-та.  И никако не смее да се дозволи „Пивофест“ да биде алатка за сеење страв на оние кои сакаат да стојат над законот.

Овие се приказни, веќе видени за прилепчани. Во 2005 година беше убиен поради закани за рекет, Никола Мојсоски-викан Коло, човек со дебело криминално досие. А, колатерална штета беше убиството на 4-ри годишното девојче Елена Талеска, кое што годинава требаше да слави полнолетство. Градот ги залечи раните од криминалите на тогашните рекетари, паравоените формации „Поскоци“, кои беа страв и трепет во Прилеп.

Не ни е далечен споменот, за бомбите што како дел од рекетарската „орнаментика“ беа фрлани пред домовите на политички и полициски функционери. Десетици на број. Подоцна државата со сите свои механизми стави крај на овој криминал, иако последиците и денес ги трпат семејствата на сите подеднакво.

Денес по 14 години, повторно некои структури во градот се обидуваат да делат правда и да се постават над законот. Пред истото кафуле „Кафе ин“,  што се наоѓа во центарот на градот, непосредно до кафулето „Табу“, до „Дел посто“, на 15 чекори до „Сидро“, на 30 до „Чоше“, малку подалеку од „Вирус“ … а, каде пред 10 дена беше откриена кашикара, синоќа пак еден од гостите во 23.10 часот забележал друга бомба. Среќа школска, без експлозивно полнење.

Нема дилеми пораката е јасна. Ако првиот обид бил со намера да се предизвика штета, овој е сепак да се влее страв. Или пак, втората откриена –школската, всушност е првата бомба, а потоа следела кашикарата, која среќа не експлодирала.

Полицијата за 9 дена не го расветли случајот. Не откри кој стои зад овој инцидент. Поточно информациите не допреа до јавноста. Во меѓувреме некој се обидува да стави сенка и на „Пивофест“ и на организаторите, во случајов локалната власт. Да влее страв и испрати зла порака, дека во Прилеп не е безбедно. Кафулето е на спротивна страна од локацијата каде се одржува „Пивофест“. Но, сепак креаторите на фејк вести, ликуваат, несвесни, со амнезија, дека впрочем нивните босови го почнаа урбаниот хаос во Прилеп.
Од друга страна, факт е дека организаторот на „Пивофест“ и годинава организира манифестација, со сите атрибути според барањата и вкусовите на посетителите. Факт е дека Општината нема ингеренции да ја одржува безбедноста во градот и да гони криминалци. Пораките градоначалникот Илија Јованоски ги испрати уште од средбата со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, и командирот на ПС-ОН Прилеп, Кире Спиркоски, кога заеднички констатираа, дека состојбата во градот е под контрола и дека Прилеп е безбеден град.

И е безбеден град!

Но!

Кој е тој што посади, пак, тикви со ѓаволот? И кој и натаму ги сади? Полицијата тоа мора веднаш да го открие. Ако е јавна тајна, дека некој над законот се обидува да воведе ред во урбаното безредие создавано со години, тогаш сите надлежни структури треба да почнат отворена битка и никој не смее да биде ставен над законот.

Оти узурпацијата на јавен простор во старата чаршија, и ефектуирањето на големи заработувачки на сметка или на грбот на граѓаните, не почнаа вчера во Прилеп, ниту пак пред 2 години, ниту кога „Кафе ин“ ја застакли летната бавча. Оваа приказна почна одамна, така што градот т.е. чаршијата низ годините стана пашалак, на поединци меѓу низ и истакнати политички фигури. И таа приказна не запре!

Оваа локална власт, сега, се обидува да стави ред на овој урбан хаос. И одма стигнуваат закани и инциденти.

Граѓаните во никој случај, не смеат да бидат заложници на нечии интереси. Чаршијата мора да биде место за дружење и уживање, а не средиште, каде кафето ќе се пие зачинето со страв од експлозија.

Според тоа отворени се две прашања:

  • Прво, кога МВР сериозно ќе стави крај на овој криминал, кога ќе се расветлат случаите и спречат несакани последици, скраја да е од типот на овие 2005 година?!
  • Второ, кога Инспекцијата според законот ќе одлучи да нема привилегирани во чаршијата? Оти крајно, зошто секој граѓанин би немал право да постави тезге на секој чекор и да продава што сака и кога сака?!

Еден аршин мора да има за сите и секаде!

Оти застаклената летна бавча на „Кафе ин“ не е единствена во Прилеп. Напротив!!!

На секој чекор од чаршијата граѓаните со години прават егзибиции каде да си направат пат за да поминат.

И крајно, зошто сите кафанџии се скратени во правото да имаат летни, застаклени бавчи и да ефектуираат секој час, нови суми?!

Сите сопственици на локали, треба еднаш да седнат на заедничка маса и да ги отворат картите. Зависта, љубомората, злото, самоволието да го остават зад портите на егоизмот и еготизмот, оти води само кон ново зло. Политичката боја на сопствениците е небитна, зашто никој не може да се амнестира.

Сите ослободени од личните интереси треба да се заложат за примена на Закон!

Само законот треба да владее за сите и секого!

Впрочем, нели нашата цел е Република Северна Македонија да имплементира регулатива која што кореспондира со европското законодавство!

Не верувам дека сакаме да личиме на Сицилија. Заложбите на локалната власт и на раководните структури во МВР, како и на најголемиот дел од нашите граѓани се, да бидеме налик на европските градови, во кои ќе имаме високи урбани стандарди и безбеден и мирен живот!

Време е да се тргнеме од нивата каде ора ѓаволот!

За да не биде предоцна!