(Авто)патот до затвор поплочен со весели стикерчиња

Бегалецот, екс-премиер и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, преку Фејсбук испрати поздрав од Будимпешта дека се „засекирал“ за поранешниот министер за Транспорт и врски, Миле Јанакиески, дека бил малтретиран и понижуван по затвори и судови, наместо да биде награден за автопатот Миладиновци – Штип.

Од „бомбите“ што ги објави Зоран Заев, слушнавме дека Груевски се грижел за народот, со тоа што за петте проценти „провизија“ од „Жутите“ тој вели – „а да не е многу, да не претераме“… Баш патриотски!

Инаку, писанието на азилантот Груевски, е исполнето со добри (емоџиња) стикери, што наведува на тоа дека користи добар телефон, има интернет и ужива во некој добар апартман. Додека пак Миле во затвор не може да користи ниту обичен телефон и да ја игра играта „змија“, а не пак да има опција да пишува статуси со ставање срциња, смајли и останати стикери. Тажно…

Груевски пробува да биде вицкаст и иронично апелира до власта да го одржуваат автопатот како што треба, за кога ќе се врател да не го затекне упропастен.

Се поставува прашањето, за што ќе му треба автопатот кога тој ќе заврши во затворот Шутка или Идризово? Или можеби сака да ја отслужи казната во затворот во Штип, во „Шести“?!

Д. М.