Берачите ги уништија липите по маалата и на градските гробишта

Несовесни прилепчани, собрани во помали групи речиси секоја вечер ги кршат гранките на липите, трајно оштетувајќи многу дрвја во Прилеп. Вработени во ЈКП „Комуналец“-Прилеп во реонот на градските гробишта затекнала група од неколкумина берачи на липи, како ги уништуваат гранките. Случајот е пријавен, полицијата извршила увид. 

„И покрај заложбите на комуналците да ги одржуват дрвјата низ градските гробишта, немилосрдните берачи на липа ги оставија липите без гранки. Освен ова, се прави голема штета врз споменичните обележја. По пријава на стражарската служба, и брзата реакција на полицијата на лице место биле фатени група на берачи, кои по пристигнувањето на полицијата се дале во бегство, а ги оставиле запрежната кола и вреќите полни со липов цвет. Жалосни се фотографиите од искршените и соголени липи, но уште пожалосна е сликата од искршените и оставени гранки врз почивалиштата од починатите“, велат од ЈКП „Комуналец“ и апелираат за поголема совесност на граѓаните.

Денеска комуналците го расчистуваа хаосот, што зад себе го оставија берачите на липа.