Во тек се подготовките за 45-то издание на фестивалот „Пеце Атанасоски“

На 5 и 6 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени

Следниот викенд на 5 и на 6 јули во Прилеп и на Рудина кај Долнени ќе се одржи јубилејното, 45-то издание на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Активностите на фестивалот почнуваат со работилница за изучување на изворните песни и инструменти во Спомен – куќата на Пеце Атанасовски во Долнени. Годинава, на јубилејното издание на Фестивалот ќе учествуваат околу 350 изведувачи на изворни инструменти: гајда, кавал, тапан, како и на изворните песни од цела Македонија. Најавени се и гости – учесници од Бугарија. Фестивалот на програмата го враќа традиционалното дефиле на учесниците,  низ улиците на Прилеп.

Според програмата, на семинарот за изучување на изворните инструменти и песни, кој од 1 до 5 јули ќе се одржи во Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени ќе учествуваат 13-ина млади вљубеници во изворниот мелоис. Семинарот ќе се одржува теренски, под водство на етнологот м-р Горан Василески. Ќе се посети работилницата за изработка на изворните инструменти, како и средините каде што со векови се негувал изворниот мелос. Младите учесници на возраст од 12 до 15 години коишто лани беа дел од семинарот, годинава ќе ги усовршуват знаењата и познавањата за богатиот изворен македонски фолклор.

– И на ова јубилејно издание на единствениот фестивал од ваков вид во земјава, ќе се потврди фактот дека улогата е да го зачува, да го негува и да ја поттикне љубовта кај новите генерации за богатиот изворен македонски мелос, дел од богатото фолклорно културно наследство на Македонија – нагласува професор д-р Родна Величковска, уметнички директор на фестивалот.

Официјалното отворање на фестивалот е во петок, на 5. јули, во 19 часот со дефиле на учесниците во центарот на градот. Во 20 часот на летната сцена на плоштадот „Александрија“ пред вљубениците на изворниот мелос ќе се одржи првата фестивалска вечер.

Во сабота, на 7. јули, од 11 часот во ликовната галерија од центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи симпозиум со еминентни научни работници на тема „Фолклорот во минатото и денес“. Воедно, ќе биде промовиран и Зборникот на трудови на етнолози и научни работници за изворниот мелос.

Од 19 часот пак  на Рудина кај Долнени ќе почне втората фестивалска вечер. Со прогласување на најдобрите учесници и врачување на наградата „гајдата на Пеце Атанасовски“, што Општина Долнени ја обезбедува за најдобриот гајдаџија, ќе заврши годинешното издание.