„Бакхи- Краток преглед на распадот“ најдобро уметничко остварување на МТФ „В. Чернодрински“

Моника Талеска

Ансамблот на народниот театар од Битола, ќе ја понесе наградата за најдобро уметничко остварување на претстава во целина за изведбата на „Бакхи- Краток преглед на распадот“. Хрватскиот режисер Игор Вук Торбица е добитник на наградата за режија на истата претстава.

„Сите естетски елементи во таа претстава, сè во целина, начинот на којшто работел режисерот со актерите, како функционира костимот, сценографијата, музиката, нивниот однос кон сето тоа, колективната игра, поединечната игра на моменти кога сето тоа е потребно, тоа сето е немерливо, а ние сето тоа долго го разговаравме“, рече Бедија Беговска, претседател на жири комисијата на 54. МТФ „Војдан Чернодрински“, на денешната прес конференција.

Актерката Марија Спиркоска Илиески е добитник на наградата за главна женска улога за ликот на Велика Мегленоска во драмата „Пиреј“ во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“- Прилеп, а актерот Александар Степанулески е добитник на наградата за главна машка улога за ликот на Јон Мегленоски, во истата претстава.

„Пресреќна сум и многу задоволна со одлуката на жири комисијата, уште повеќе кога таа одлука на жирито, ја поддржува публиката. Мислам дека многу реално се доделени наградите, со оглед на тоа дека ние некои 10-ина минути пред тоа ги знаевме, коментарите се навистина одлични, среќна сум, задоволна“, изјави Спиркоска Илиески.

Билјана Драгичевиќ Пројкоска е добитник на наградата за епизодна женска улога на Карлота во претставата „Странци“ во изведба на Драмски театар од Скопје.

Гзим Жерко е добитник на награда за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ за улогата на Сен-Жист во претставата „Смртта на Дантон“ во изведба на Албанскиот театар – Скопје. Истата претстава освои уште награди за рекламен материјал, чиј автор е Нгадљим Мехмети, и за кореографија и сценски движења,чиј добитник е Ѓерѓ Превази.

Тони Денковски ја доби наградата за млад актер „Трајко Чоревски“  за улогата на Горниот во претставата „На отворено“, додека Симона Димковска е добитник на наградата „Млада актерка“ за повеќе ликови што ги толкуваше во претставата „Физика на тагата“ во изведба на театарот од Куманово.

Розе Трајческа Ристовска е добитник на награда за костимографијата во претставата „Макбет“во изведба на МНТ-Скопје, а Констатин Трпеновски ја доби наградата за сценографија во истата претстава.

Димитар Андоновски е добитник на награда за музиката во претставите „Пиреј“ и  „На отворено“ во изведба на Театар Комедија-Скопје.

Љупчо Георгиевски е добитник на наградата за современа сценска драматизација и адаптација на претставата „Животинска фарма“ во изведба на театарот „Антон Панов“ од Струмица.

Наградата од публиката, вечерва ќе ја врачи градоначалникот Илија Јованоски. Општина Прилеп обезбеди награда –статуетка во форма на раце што аплаудираат,чиј автор е академскиот скулптор Марјан Стојаноски.

Оваа награда и разговорите на тркалезната маза, под менторство на проф. д-р Ана Стојановска дадоа нов импулс на фестивалот.

Вечерва во чест на наградените МНТ, ќе ја одигра  „Силјан Штркот Шанца“ во режија на Срѓан Јанаќиевиќ, а со тоа се спушта завесата на годинешното 54. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, Ова издание ќе се памети по објективната оценка на жири комисијата, разговорите на тркалезната маса, наградата од публиката и одличната организација. Но, посебно ќе се памети по интересот на публиката.

МТФ „Војдан Чернодрински“ го врати сјајот на театарскиот живот во градот. Прилеп една недела живее со фестивалот во вистинска смисла на зборот.