На 7 ми јуни почнува МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Режисер Владимир Милчин и актерот Бајруш Мијаку се лауреатите на наградите за животно дело, на годинешниот Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Во официјална конкуренција на Фестивалот од 7 ми до 15 јуни ќе бидат изведени 8 претстави од исто толку македонски театри.

„Макбет“ од Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на ансамблот на НУ Македонски Народен Театар (МНТ). „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на НУ Драмски театар од Скопје.„На отворено“, според драмски текст на Мрожек, во режија на Андреј Цветаноски, а во изведба на НУ Театар „Комедија“ – Скопје. „Смртта на Дантон“ по текст на Џорџ Бихнер, во режија на Дино Мустафиќ, а  во изведба на Албански театар од Скопје. „Физика на тагата“ по текст на Георги Господинов,а  во режија на Милош Андоноски во изведба на „Трајко Господинов“, театар од Куманово. „Бакхи-краток преглед на распадот„ од Еврипид, во режија на Игор Вук Торбица, а изведба на Народен театар – Битола. „Животинска фарма“ од Орвел во режија на Љупчо Ѓорѓиоски,а во изведба на театарот „Антон Панов“ од Струмица. „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, а во избедба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.

Ова е изборот на уметничката директорка на Фестивалот, Катерина Коцевска, која што најави и бројни новини на годинешното 54 издание.

Фестивалот ќе биде отворен со концерт на Влатко Стефаноски. Фестивалот годинава нуди повеќе новини. По завршување на секоја претстава во конкуренција, ќе се одржуваат разговори на тркалезната маса. Освен жири комисијата, ќе гласа и публиката за најдобра претстава. Во соработка со Општина Прилеп, за што е веќе разговарано со градоначалникот Илија Јованоски, на најдобрата претстава според публиката ќе и биде доделена статуетка во мермер.

Фестивалот ќе има нова интернет страница, Фејсбук и Инстаграм профил на Фестивалот. Така што онјалн ќе може да се следат сите активности од Програмата на МТФ.