Протестирам против привилегиите на сите буџовани!

Додека траат честитките, повеќе од заслужени, за изборната победа на Претседателот на Република Северна Македонија и за инаугурацијата на која присуствуваа претседатели и други високи гости од соседните и други држави и сите значајни дипломати, со кренат нос и повредена суета, од претседателската вила на Водно, си замина Ѓорге Иванов, една од најнеславните фигури (а не се малку) во македонската политика. Повредена суета, затоа што само на инаугурацијата на Пендаровски имаше повеќе странци отколку што тој видел за десетте години узурпација на претседателската функција во државата. Ако сакал да се утеши некако, на својата надолна патека од Водно, можеби се сетил на намигнувањето на американскиот претседател Барак Обама.

Џабир Дерала

Но, има денови кога ќе пишуваме и за сегашниот претседател и за оној што си замина, денеска сакам да погледнеме во привилегиите. Привилегиите во нашата сиромашна земја се налик на оние мали султанати расеани по Земјината топка (или плоча, според некои македонски научници). Да го оставиме на страна, за миг, арамилакот, сето крадење и злоупотреби за да се соберат пари во приватни џебови. Генерации законодавци смислуваа(т) и гласаат закони за привилегии и бенефиции за функционерите, од најмалите до најголемите, како да се лордови или, географски посоодветно, аги, бегови, паши и султани. Најблаго речено, со децении гледаме еден крајно арогантен однос кон парите што се собираат од намачените жители на ова катре земја што е, тврдам најодговорно, осиромашено токму поради нив.

Кога ќе ги погледнете сите бенефиции што ги добиваат тие што се во државниот апарат, мислите дека земјава е некоја феудална покраина, со безброј разгалени аристократи. Почнувајќи од попустот (околу 20%) што го добиваат административците по кафулињата и рестораните и поволните услови за кредит во банките, преку апанажите и сите привилегии на пратениците и министрите, сѐ до апсурдните бенефиции што ги добиваат претседателите на државата.

Само што ќе се доберат до функција, македонскиве политички аги и бегови прво гледаат да се обезбедат (законски) за времето кога ќе ги напуштат своите позиции. Од памтивек, за заслуги се давале ордени, а не апанажи, доживотни пензии, имоти, коли, канцеларии, работници…

И така, чекор по чекор, се трупаат секакви привилегии за сите нивоа на власта, и централна и локална. „Дај уште ова, дај уште она, а зошто не и ова? Па, на Албанците колку им даваме, зошто да не ги (о)ставиме и овие привилегии за нас? Па добро, нека земат и тие, помалку се од нас и онака…“ И, оп! Три милијарди евра годишен буџет се малку. Е, па малку се! Во буџетот треба да се стават и пари што реално треба да ѝ овозможат на државата да функционира.

Мора веднаш и вистински да се стави крај на расипништвото и повластиците. Почнувајќи од поранешните претседатели (сите!), завршувајќи со раководителите на државните агенции и сите останати институции. Едноставно, сите повластици мора да се укинат, односно да се редуцираат до ниво што е прифатливо за една сиромашна земја која, притоа, се декларира како социјална држава, според Уставот.

Заминувањето на Иванов, таа гротескна и неславна десетгодишна епизода во македонската историја, со право го привлече најголемото внимание. Тој лик, без срам и перде, без проблем се потпишува на решението токму Република Северна Македонија да троши 165.000 евра годишно за него додека е жив! Да му се згади на човек.

Но, уште погрдо од неморалот на Иванов е тоа што политичарите, нека е тоа и некој претходен состав, кој сака нека биде, го направиле самиот систем таков – апашки! И добро е што оној, Фикусот, ни даде повод да погледнеме во вртоглавите суми што се вртат во привилегиите.

Малку е да се каже дека е тотално бесмислено да се трошат толкави суми пари за доживотни повластици на поранешните претседатели на државата, без оглед на тоа дали тие биле на висината на својата функција или биле криминалци, дали биле растенија или нешто друго. Едноставно, нема ниедна логична причина тие доживотно да живеат во раскош, ама баш раскош, на сметка на буџетот, а истовремено деца да ни умираат по болници, да немаат со што да се одвезат до училиште, а пензионерите буквално да вегетираат и само да чекаат да им чукне часот.

И тука не е крај на лудостите. На секое ќоше од системот има привилегии. Едноставно, тоа мора да запре. Сите тие кабадаии мораат да се откажат од луксузните коли, од разно-разните додатоци, патни трошоци, „репрезентацијата“, прескапите патувања за кои имаат апсурдни изговори, луксузниот мебел, набавките на уметнички дела за „декорирање“ на нивниот работен простор и сите останати удопства на кои полагаат право врз основа на закони зад кои стојат сомнителни, па и криминални мотиви.

Сѐ што е до сега набавено, мора да се продаде, а средствата да одат за подобрување на образованието, здравството и безбедноста. Наместо локалните шерифи да се возат во автомобили од над 20.000 евра (да не правиме муабет за 30, 50 или повеќе илјади евра!), треба да се набават противпожарни и амбулантни возила, или автобуси за учениците. Наместо да се прејадуваат и опиваат по ресторани, функционерите мораат да работат на борбата против корупцијата и сиромаштијата во земјата. Тоа им е работа, по ѓаволите!

Апанажите мора да се укинат или да се сведат на минимум. Во оваа земја социјалната помош му се укинува на примателот, само ако го фатат дека заработил екстра приход од собирање пластични шишиња за 300 денари.

Политичарите, владата и парламентарците мораат да сфатат дека довербата во нив ќе порасне само под услов ако почнат да работат за својата плата, без додатни привилегии. Тие од вемерето и нивните курири сега нека не скокаат, туку прво нека вратат сѐ што украдоа, да платат сѐ што расипаа и уништија, па нека зборат.

Неприфатливо е да се креираат, а потоа и до максимум да се користат сите прописи според кои функционерите, практично, не мораат во ниеден момент да посегнат по својот џеб. Поединечните добри примери меѓу функционерите не се доволни, туку само покажуваат дека се можело. А тоа само дополнително нервира, зарем не?

Нека седнат овие неколку дена и нека ги ревидираат сите законски регулативи според кои им се даваат повластици и на актуелните и на функционерите во заминување. Во време кога ни умираат луѓе по болниците на ужасот, кога луѓе гладуваат и се мрзнат по своите домови, не може да се трошат 165.000 евра годишно за некого, па нека е тоа и поранешен претседател, кој и да е.

Не е тешко да се воведат стандарди за набавките. Трошењето на јавните пари не е доволно да биде само транспарентно, туку мора да стане и рационално! Возилата не смеат да бидат ни луксузни, ни во голем број, како што се, туку да одговараат на практичните потреби на институциите и луѓето што ги раководат. Истото се однесува на сите останати аспекти од нивното трошење.

Деновиве прочитав повик за протест на социјалните медиуми. И треба да се излезе на протест! Не само за Фикусот, туку за сите привилегии и законски овозможени злоупотреби во кои уживаат буџованите, ситни и крупни.

civilmedia.mk