Папата ѕвезда. Иванов мало, црно дупче.

Њујорк Тајмс вели дека посетата на Папата на Северна Македонија е уште еден сигнал дека државата излегува од долгата меѓународна изолација, цитирајќи го шефот на Ватикан во констатацијата дека ние сме „мост меѓу Исток и Запад“ на европскиот континент и дека нашата европска интеграција е „од корист за целиот Западен Балкан“. Во подолгиот текст на водечкиот светски дневник се констатира дека не сите во Скопје го делат ентузијазмот на Папата, анализирајќи го говорот на Ѓорге Иванов за „големите поделби“ во општеството, но потоа го констатира ведриот оптимизам на Заев кој посетата на Папата ја смета за поддршка во „покажаната храброст за донесените одлуки“.

И Вашингтон Пост посетата ја квалификува како „историска“ и како охрабрување за Македонија за „интегрирање во европските институции“, со искажаниот посебен респект на Папата за нашата успешност во моделот на заедништво и толеранција што овде се негуваат. Во сличен тон, Дојче веле ја цитира и пораката на Папата дека „најубавите мозаици се оние кои се најбогати со бои“, реферирајќи на богатството и заедничката коегзистенција на култури и религии во Македонија. Италијанската Кориере дела Сера папската визита на Бугарија и Македонија веќе ја најави како религиска и политичка шанса за „испорака на големи работи во мали пакувања“, а и угледниот француски Ле Монд ја цитира поддршката на Папата за македонската интеграција во ЕУ.

И така натаму и на тоа слично, на сите светски меридијани и географски широчини… Тоа е моќта на светската харизма и глобалното влијание на Папата! Ние, можеби, сè уште не сме сосема свесни за важноста и долгорочните позитивни последици од беспрекорно организираната и перфектно спорведената визитација на Светиот Татко на „портата преку која христијанството влезе во Европа“, како што тој ја нарече нашата земја на враќање кон Ватикан.

Сепак, во последните „пет минути“ од својот истечен мандат, вечниот парти-брејкер Ѓорге Иванов ја искористи посетата на Папата за да дотури малку сол во кафето. Тој, имено, официјално го информираше Папата дека доаѓа во „поделено општество“. Иванов е експерт во таа област, како еден од главните внатрешнополитички фактори за тие поделби. Можеше Иванов и да се воздржи од таквите оценки, бидејќи тие за Папата не се од никакво значење, а влегоа во сите меѓународни извештаи од неговата посета на земјава. Особено бидејќи „обединетото општество“ тукушто го избра наследникот на Иванов, како дел од потфатот за излегување од долгата меѓународна изолација (Њујорк Тајмс) за која Иванов даде значаен придонес.

Всушност, ништо важно. Но, тој одмазднички „политички поздрав“ за домашна употреба само го зацврстува впечатокот за лузерскиот менталитет на Хорхе кој не собра храброст да се надмине себеси во сите изминати десет години на функцијата претседател. Тотален медиокритет кој ќе остане запаметен по ништо добро.

Да го немаше, никој немаше да има потреба да го измисли. А и кога го немаше, никој не го забележуваше неговото отсуство. Таму каде што одеше, никој не го забележуваше неговото присуство. Десет години беше само уште една небитна протоколарна ставка на некој црвен килим.

Македонија веќе има еден бивш, жив претседател кој, по сопствена одлука, го снема. Ете добар пример за уживање на државната пензија на Иванов.

civilmedia.mk