Иванов со политички пораки до Папата: Доаѓате во време кога македонската држава е тешко ранета

Папата Франциск прво беше примен во претседателската вила Водно, каде што по средбата со претседателот во заминување Ѓорге Иванов, се обратија пред јавноста. Иванов ја искористи приликата да испрати политички пораки и да му се „пожали“ на Папата дека доаѓа во период во кој земјата е разнишана и изневерена, и побара од него духовна помош во обнова на татковината.

„Ве пречекувам на крајот од мојот мандат како претседател, и морам да кажам дека ми е голема чест што вака го завршувам мојот мандат. Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања. Децениската блокада на нашиот европски пат доведе до политички и морални кризи кои го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности. Црквата и џамијата служат за злоупотреби како граничници, тврдини за маркирање и бранење на замислени територии, како да се заборава дека сите ние сме луѓе без разлика на нашата вера. Јас како православен христијанин ги претставувам сите граѓани, независно од нивната религија. Затоа како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина“, изјави Иванов.

На крајот од своето обраќање, претседателот во заминување Иванов испрати порака и до граѓаните:

„Ова е повик до сите граѓани на Република Македонија, повик да ја препознаете симболиката на оваа посета и преку понизност и простување да се вклучите во духовната обнова на Македонија пред да биде предоцна“, рече Иванов.