Заев:Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ ова лето!

„Средбите во Берлин ги оправдуваат очекувањата дека Република Северна Македонија, ова лето ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ“, изјави премиерот Зоран Заев, денеска  по завршување на состанокот на Интер-ресорската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух, одговарајќи на новинарско прашање за очекуваниот датум за почеток на преговорите за членство на РСМ во Европската Унија. Премиерот рече дека се спроведени сите реформи коишто беа зацртани во „Планот 18“, а коишто претходно беа одобрени од Европската Комисија. Останува уште Законот за јавно обвинителство, а Заев е уверен дека ќе биде донесен наскоро.

 

„Преспанскиот договор и сето тоа што се случи во нашата земја е навистина сериозна мотивација да се случи тоа што го очекуваме. А, ќе се случи добивање на датум за преговори, односно одлука за отпочнување на преговорите помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија. Сите овие работи зависат, пред се, од изборите за Европскиот Парламент. Тие завршуваат на 26, Европската Унија на 29 го лиферува и го објавува извештајот, а после тоа извештајот оди на усвојување во националните парламенти на земјите членки и можно е да се случи јуни – јули, тука да се помести. Но, ниту во еден случај поради нас, ниту во еден случај поради други причини. Поради тоа што оваа година, токму се случуваат изборите во Европскиот Парламент.

Секоја дискусија почнуваше и завршуваше со Преспанскиот договор, што навистина импонира. Имав билатерална средба и со Канцеларката Меркел, зборував со Претседателот Макрон. Јасните ставови на Фредерика Могерини за ова прашање, веќе ги знаете. Не само што ќе има позитивна одлука за нас, туку навистина треба да бидеме горди што сме позитивен пример. И тоа ќе се случи ова лето“, заклучи Премиерот Зоран Заев,одговарајќи на новинарско прашање.