Македонската политичка наковална

Сега веќе е доцна, но подобро доцна, отколку некогаш, да разјасниме неколку работи околу овие претседателски избори… Неспорна е важноста на овие избори. Како и секогаш и секаде, така и на овие избори, па нека се и претседателски, важно е дали на претстојните избори ќе изгуби национализмот и повиците за „гасни комори“ или европските вредности. Кристално чисти не можат да бидат, бидејќи изборните процеси никогаш (па и никаде) не можат да бидат тоа, но овие ќе бидат сѐ уште далеку од тоа. Од друга страна, заморот на гласачите од жестокото темпо на политиката ја направи целата кампања некако млитава, ако ги изземеме говорот на омразата и национализмот, а секако и политичките дисквалификации.

Џабир Дерала

На кампањата водат политичките партии и нивните лидери, некаде помалку, некаде повеќе, но конфузијата е очигледна. Се натпреваруваат претседателските кандидати, но уште побрзо, повеќе, погласно и повидливо трчаат политичките партии и лидерите. Лидерите на албанските партии, особено оние што го поддржаа Пендаровски се посебна, до некаде и смешна, приказна што не смее да остане нераскажана.

Злоупотребата на јавните ресурси не е ни оддалеку толку интензивна како што тоа беше случај во времето кога партиската машинерија на Груевски спроведуваше социјален и политички инженеринг со индустриски размери, својствени за методични и сериозни диктатори во светот. Сепак, политичката култура во македонското општество, како на партиските структури, така и на граѓанките и граѓаните, е на катастрофално ниско ниво, така што, понекогаш и несвесни за трансгресијата, на носителите на функции и администрацијата им доаѓа „природно“ да се „послужат“ со моќта што ја имаат.

На луѓето им е доволно ако партиските војници и капитени во комуникацијата со нив го замениле „мораш, инаку тешко тебе“ со „те молам“. Најчесто, тоа и би требало да биде доволно, за да кажеме дека нешто навистина се сменило, но кога „те молам“ се употребува на тој начин што се подразбира дека нечие работно место или условите при работата зависат од тоа дали ќе се послуша „молбата“ или не, принудата останува иста во својата суштина. Ако атмосферата во еден работен колектив (во администрацијата) е таква што нечија индивидуална волја и одлука „се подразбира“, тогаш не се променила суштината, туку само формата.

Неопределените останаа под притисок и на двете страни во македонската политичка наковална. Останаа исти (или слични) притисоците врз „своите“, поточно, секоја партија врши притисок врз своите членови и не ѝ се меша на „другата страна“. Мора да се признае дека манирите со кои двете најголеми партии ја спроведуваат мобилизацијата беа и останаа различни според вокабуларот и интензитетот на „убедувањата“. Различни, да, но според својата суштина, тука се некаде.

И, што е донекаде и апсурдно… Сегашните носители на политичката и извршната моќ максимално ги „штедат, мазат и пазат“ своите политички ривали. Освен што голем дел од моќта на партиските структури на режимот сѐ уште се активни и ги држат позициите во системот, тие во овој период слободно, како и порано, ги користат службените погодности, за да спроведуваат кампања. Иако се забележува дека главните носители на власта внимаваат да не користат службени автомобили и други придобивки на своите позиции (барем оние највидливите), СМС пораките останаа, агитирањето и притисоците останаа, макар и да се неспоредливо поблаги од порано.

И така, власта се најде во една апсурдна позиција. Коалиционите партнери се однесуваат како што секогаш се однесувале, опозицијата ја пее старата песна, оставена на мира да прави што сака (амнестирана, ослободена, во фаза на преговори), а сите останати се на милост и немилост на скапо платената, а евтина циркуска забава, силно зачинета со национализмот на дел од учесниците во изборната трка.

Хм, можеби и тоа е подобро отколку власта и партијата да бидат едно те исто, а манипулацијата и заканите да бидат главен дел од структурното насилство и изборниот грабеж, својствен на ерата на Груевски и Фамилијата. Но, останува уште многу пат да се изоди кон градење на политичка култура кон која се декларираме дека се стремиме. Макар и со железни опинци, ако не со патики за спринт…

civilmedia.mk