Претстојни претседателски или пармалентарни избори?!

За овие претседателски избори има тројца независни кандидати: Стево Пендаровски, кој е предложен за консензуален кандидат од СДСМ со поддршка од ДУИ и околу триесет помали партии, Гордана Силјановска Давкова, која беше избрана од ВМРО-ДПМНЕ на партиска конвенција во Струга и Блерим Река, независен кандидат со поддршка од Алијансата на Албанците и Движењето Беса.

Тројцата кандидати за претседател на државата се претставуваат како независни, но поддршката од партиите што стојат зад нив, тешко е да се одвојат од кандидатите за време на нивните кампањи. Не треба многу време и внимание да се посвети за во едни од говорите, на кандидатите или лидерите на партиите кои ги поддржуваат, да се забележи дека изгледаат како да се подготвуваат за парламентарни, а не за претседателски избори.

Лидерите на политичките партии, зависно зад кој кандидат стојат, за време на говорите на митинзите кои се одржуваат низ земјата, најмногу зборуваат за работите кои ги постигнале како партија во текот на годините кога биле или се на власт и потоа не избегнуваат да ги спомнат слабостите на противниците.

Па така, во еден говор на Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, може да се слушне за тоа како Зоран Заев и останатите од партијата, го смениле името на државата, им се потчиниле на соседите, лажеле за повисоки плати и пензии и ред други работи. Па ги повикува граѓаните да гласаат за нив, дека тие ќе победат и дека ќе ги променат работите, заборавајќи дека се гласа само за претседател. Обвинувањата кон „противникот“ не изостануваат во ниеден говор.

Овие говори не ги пропуштаат и другите партии. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, не заборава да ги спомне криминалите на поранешната власт во владеењето на поранешниот претседател Никола Груевски и дека Мицкоски и Силјановска Давкова треба јавно да се оградат од неговите политики. Заев не заборава да каже дека и на овие избори ќе победат тие, дека направиле толку многу за државата и дека не треба сега да застануваат. Се чини како одново да се подготвува да го гласаат луѓето него за премиер.

Тука останува она „статус-кво“ на ДУИ, кои сè уште не знаат кој кандидат го поддржуваат, честопати велат дека се за консензуалниот кандидат, но многу ретко го спомнуваат името и презимето на Стево Пендаровски.

Во овие изборни процеси се јави и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, кој вели дека го поддржува претседателскиот кандидат, согласно со определбите за ЕУ и НАТО. Тачи спомна и дека оние кои го поддржале претседателскиот кандидат Блерим Река шират лажен патриотизам, дека во 2014 година тие за кандидат го имале Илјаз Халими, но не го гласале.

И лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, кој го поддржува Блерим Река, вели дека на државата ѝ е потребен тој како претседател, да донесе правда во државата, онаа за која зборуваа во 2016 година и толку многу граѓани верувале, но, за жал на крај добиле селективна правда.

Кога ќе се сумираат сите говори на политичарите за претстојните претседателски избори изгледаат повеќе како на натпревар меѓу самите партии и како да се подготвуваат за нови парламентарни избори.

Шестите претседателски избори ќе се одржат на 21 април и 5 мај, 2019 година и треба да го изберат петтиот претседател на државата. Овие претседателски избори се првите избори по стапување на сила на Преспанскиот договор, со кој е решен спорот за името со Грција.

А. Петровска

civilmedia.mk