Седум децении НАТО

Деновиве владите и армиите на земјите членки на НАТО со низа активности го одбележуваат седумдесет години постоење на Алијансата. Разбирливо е дека централното одбележување се одвива во Вашингтон, САД каде што на 4 април 1949 година е потпишан договорот за формирање на североатланската организација.

м-р Велин Стојановски

За време на студената војна стратешка цел на НАТО беше да овозможи поголемо присуство и влијание на САД во Европа, целосна контрола  врз Германија и да се потисне Русија што подалеку од западна Европа.

Тоа е период на многу конфликти, тензии, војни во кои двете страни на одреден начин беа инволвирани  но за среќа до директен судир не дојде. Период во кој инволвираните се натпреваруваа кој подобро ќе ги вооружи сопствените сили. Потрошени се многу пари, развиено е и складирано моќно оружје и се освои вселената сè со цел да се стекне надмоќ во светски рамки.

Во меѓусебните односи се применуваше стратегијата на воена игра „топло – ладно“ што делумно ги остваруваше поставените стартешки цели на НАТО. Односно, САД беа присутни во Европа со респективна добро вооружена воена сила, Германија беше поделена и контролирана, а Русија сепак  господареше во источниот и среден дел на Европа и беше присутна дури до Берлин.

Сепак, како што рекол големиот воен мислител од 19 век Карл фон Клаузевиц секоја воена стратегија мора да има свои граници и во одреден момент да ја постигне својата кулминација.  Долгорочната НАТО стратегија својата кулминација ја достигна со спектакуларниот пад на берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година.

Веќе  во  октомври 1990  година Германија се обединува и набрзо постанува доволно силна да биде водечки фактор во Европа, но сеуште недоволно моќна  да биде водечки фактор на глобално рамниште.

Во 1991 година се распаѓа варшавскиот пакт со што се стопи влијанието на Русија во државите кои беа дел од тој пакт и практично Русија се повлекува во своите национални граници. Тоа беше и крајната цел на НАТО и сигнал за САД повеќекратно да го намалат своето воено присуство во Европа.

По падот на Берлинскиот ѕид се забрза процесот на глобализација што создаде тектонско поместување. Во безбедносен амбиент каде преовладуваа  САД како супер моќни и лимитирана Русија многу експерти со право го поставуваа прашањето од понатамошна потреба на НАТО такво какво што беше.

После многу анализи НАТО усвои нова стратешка цел да се  трансформира во организација која е способна на земјите членки да им обезбеди долгорочна безбедност и стабилност, а преку склопените партнерства и иницијативи со други држави успешно да влијае на безбедноста на глобално рамниште.

Истовремено НАТО промовира демократските вредности и ја развива третата димензија која се состои од активности и од  невоен карактер односно справување со природни катастрофи и пттикнува соработка на полето на науката и заштита на животната средина.

Токму таа стратегија и поволниот безбедносен амбиент на земјите членки им овозможи економски развој и обезбеди благосостојба на граѓаните. Таквите состојби предизвикаа потреба за проширување на НАТО со нови членки кои ќе ги исполнат критериумите за членство.

Проширувањето на НАТО започна со приклучувањето на Полска, Унгарија и Чешка во 1999 година и  досега 29 држави се равноправни членки на алијансата. За жал, иако ги имавме исполнето сите услови во 2008 година сепак останавме да чекаме пред портите на НАТО.

По потпишувањето на Преспанскиот договор процесот на приклучување на државата кон НАТО конечно е деблокиран. Додека траат прославите за јубиларниот седумдесетти роденден на НАТО владите и парламентите на десет држави членки веќе го ратификуваа протоколот за приклучување на нашата држава во НАТО семејството, а набрзо тоа ќе го сторат и преостанатите деветнаесет држави.

Од друга страна, пак, Русија по економскиот и воен пад успеа да се стабилизира и повторно е силен фактор на меѓународната сцена. Брзата акција и анексија на Крим и воените активности во Сирија покажаа дека располагаат со нешто помалку од 100 000 добро обучени воени професионалци кои се способни многу брзо да се распоредат и реагираат на стратегиска длабочина. Со новата таканаречена мека стратегија Русија го врати и своето влијание во Европа пред сè со вложување во силни компании, но и со монополска испорака на природниот гас од кој зависи економијата во Европа.

Среќен седумдесетти роденден НАТО, со желби на следниот роденден нашето црвено жолто знаме гордо да се вее пред седиштето и сите команди и институции на НАТО и  во историјата да бидеме запишани како јубилејна триесетта членка на НАТО.

civilmedia.mk