Што е злоупотреба на службена положба за време на избори

Злоупотребата на службената положба е секоја постапка на функционерите и службените лица со која ги  искористуваат своите овластувања, ги пречекоруваат или не ја вршат својата службена должност за да добијат некаква корист.

„Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години“, стои во членот 353 од Кривичниот законик, првиот член во Глава 13- Кривични дела против службената должност.

Во изборен контекст, злоупотребата на службената положба, подразбира искористување на положбата на службеното лице за изборни цели. На ваквите злоупотреби се однесува уште едно поглавје во Кривичниот законик, Глава 16 – Кривични дела против изборите и гласањето. Ваквата злоупотреба на службената положба најчесто се однесува на вршење притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи кои се финансирани од буџетот на државата, буџетите на општините, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.

Исто така, злоупотребата на службената должност за изборни цели се поврзува со закани кон вработени лица и граѓани, во однос на нивно вработување и социјална сигурност, како резултат на нивното поддржување или неподдржување на одредена политичка партија или кандидат.

Токму од овие причини, политичките партии и кандидати учесници во изборните процеси во земјата се обврзани да потпишат Кодекс за фер и демократски избори со кој и јавно, недвосмислено се обврзуваат дека нема да вршат никакви притисоци.

Злоупотребата на службената должност може да се однесува и на службени лица кои учествуваат во изборна кампања во службена униформа, за што, на пример, Изборниот законик предвидува глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност.

М. Ивановска

civilmedia.mk