Будимпешта, имаме проблем!

„Ќе им направите ли понуда (на ВМРО-ДПМНЕ) за Голема влада (по претседателските избори)?“

„На Мицкоски, не! Јас сум човек којшто знам какви сериозни процеси доаѓаат пред државата, (па) пред некои други структури (во ВМРО-ДПМНЕ) би разговарал за сè што е во интерес на државата. Немам резерви и предрасуди. Но, на Мицкоски – не. Зошто? Заради тоа што човекот нема ставови. Човекот не знае дали го поддржува тој пат или не го поддржува тој пат. Барем да кажеше, го поништувам Договорот (од Преспа) ако дојдам на власт, кажи, бе, чесно е, или ќе го поддржам Договорот… Како без НАТО и без ЕУ, човек?!“

Ова (и уште некоја реченица плус) е суштината на одговорот на Заев во разговорот на 1ТВ на моето прашање за можноста, после претседателските избори, дури и независно од нивниот исход, СДСМ да му понуди на ВМРО-ДПМНЕ приклучување кон широка коалициона влада којашто би ги обединила ставовите и политиките во државата во евро-интегративните реформски напори што стојат пред нас во годините што доаѓаат. Со евентуален таков пристап би се направиле излишни сите меѓупартиски пазарења што ги сведочи целата јавност, а кои најчесто, после многу изгубено време и образ, завршуваат со непристојни компромисни исходи и поради квалитетот на самите реформи и со оглед на „бенефитите“ што произлегуваат за преговарачките страни, не во идеолошка или концептуална, туку во чисто персонална, интересџиска смисла.

Во истиот разговор, Заев изјави дека би направил селфи и со Мицкоски, доколку тој собере храброст да се откаже од Груевски.

Дали овие ставови на Заев – во кои се содржани сите клучни елементи за иднината на државата: ЕУ и НАТО, Преспанскиот договор и „откажувањето“ од Груевски – не се формулата за расплетот што може да уследи во ВМРО-ДПМНЕ, доколку на претседателските избори политиката на Мицкоски, преку гласањето за Гога-јога, не добие доволен број на гласови за тој да остане на челното место на партијата?

Што се тоа „доволен број на гласови“ ќе биде во центарот на таа нивна внатрепартиска расправа, но реално е да се претпостави дека „граничникот“ може да се постави околу цифрата од 350.000 гласови.

Овој предизвик му е јасен и на Мицкоски, кој не го вади Заев од уста и пред и по формалниот почеток на кампањата. Од вчера, повторно е во игра „крвта на рацете на Заев“ и сличните „крвави“ сценарија со кои, според Мицкоски, неговиот архи-непријател дошол и се одржува на власт. Се обидува Мицкоски да ги радикализира своите позиции до максимум, пред некој евентуално и да се реши да му побара оставка доколку постизборно се соберат доволно околности за да се бара негова одговорност ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгуби изборите. А на разни кругови во партијата така им „мириса“, уште од моментот кога Сиљановска Давкова им се „натури“ на вмровците како нивен автентичен, вмровски „есенцијален“ претседателски кандидат. Таман како „Добровечер, Кавадарци!“, среде Неготино.

Оваа „фрлена ракавица“ од Заев не е без мотивирачки потенцијал за размисла во, реално, распаднатата структура на разните исклучени, обљубени и прељубени фракции во ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи е можност за нивна партиска консолидација во „ерата“ по Груевски.

Всушност, таа во себе ја содржи суштинската калкулација на секој мислечки вмровец: има или нема шанси Груевски, преку политиките на Мицкоски, некогаш да се врати во Македонија, а потоа и да освои власт со повторно враќање на чело на ВМРО-ДПМНЕ?

Ако има, размислата на Заев треба со гнасење да се отфрли. Но, ако нема…

Будимпешта, имаме проблем!

civilmedia.mk