Тевдовски: Спроведуваме фискални реформи и политики кои ќе го подобрат стандардот на сите

Министерот за финансии Драган Тевдовски на годишната конференција по повод Денот на Буџетот, насловена „Фискални реформи за праведен раст“  истакна дека не е доволно само да се криераат политики кои ќе создаваат раст на БДП, туку потребно тие да влијаат на зголемување на животниот стандард на сите граѓани.„Како општество имаме обврска да се грижиме за граѓаните кои што живеат во сиромаштија. Подготвена е социјална реформа, со која се воведува минимален адекватен приход. Со ова ќе станеме прва земја во регионот која ја воведува оваа програма за извлекување од сиромаштија. Вложуваме во темелите на општеството – јавното образование и здравство. Сакаме нашите деца во иднина максимално да го користат својот потенцијал. Само така тие ќе имаат подобра иднина“, рече Тевдовски.

Тевдовски посочи и дека континуирано се работи на подобрување и дигитализирање на услугите кои управите и органите во состав на Министерството ги даваат на граѓаните. Рече дека Управата за јавни приходи, по урнек на модерните европски даночни управи, за првпат воведува електронски претпополнети даночни пријави, со цел граѓаните да не мораат да чекаат во редови. Царината работи на проект за електронско поднесување на царински декларации. Управата за имотно правни работи наскоро ќе го пушти во употреба системот со кој граѓаните на веб-страна ќе може да го следат текот на предметите.

На Конференцијата по повод Ден на Буџетот се обрати и амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар. Во рамки на конференцијата на панел дискусија, покрај министерот за финансии, зборуваа и постојаниот претставник на ММФ за Србија и Северна Македонија, Себастијан Соса, менаџерот за макроекономија, трговија и инвестиции на Светска банка за Европа и Централна Азија, Галина Андронова и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Абдулменаф Беџети.