Градоначалникот Јованоски на ансамблот „Војдан Чернодрински“ му го честиташе Светскиот ден на театарот

По повод Светскиот ден на театарот,градоначалникот Илија Јованоски го посети ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“, посакувајќи успешна работа, голем број претстави, премиери како и успешно издание на Театарскиот Фестивал „Војдан Чернодрински“.

„Изготвено е идејното решение, а во постапка е основниот проект за новиот театар и промена на деталниот урбанистички план за потегот каде што треба да биде новиот објект. Министерстството за култура има издвоено средства за реализација на овој проект кој до крајот на оваа година треба да биде готов, за од наредната да започне изградбата на новиот театар, што е  доволен поттик за поуспешна работа и нови постигнувања“, рече градоначалникот Јованоски.

На средбата присуствуваа и директорката на центарот за култура „Марко Цепенков“ Менче Караџоска и раководителот на театарот „Војдан Чернодрински“, Стојан Дамчески кои се заблагодарија на честитката истакнувајќи дека ансамбл со максимална посветеност и професионалност  ќе работи на реализација на планираните проекти предвидени во програма.

„Денес е Меѓународен дена на театарот, нашиот ансамбл работно го одбележува, подготвувајќи се за новата претстава „Арапска ноќ“ која е во режија на Зора Бузалковска. Вечер ќе биде одиграна претставата „Пиреј во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, каде ќе бидат прочитани двете пораки по повод овој ден, меѓународната на кубанскиот режисер Карлос Селдраг и македонската на нашиот драмскиот автор Југослав Петровски.На сите театарски работници, им го честитам денешниот ден и посакувам уште многу успешни остварувања, посебно на нашиот ансамб, чија желба да се подобрат  условите за работа ќе се оствари“, истакна Менче Караџоска, директор  на центарот за култура „Марко Цепенков“.

Стариот објект во чии рамки се уште работи ансамблот  на театарот „Војдан Чернодрински“ до изградбата на новата театарска зграда  тековно се одржува. Минатата година променета е кровната конструкција во делот на фоаето со средства од Министерството за култура.