И Орбан се претера

Партијата покер што Виктор Орбан ја играше подолго време со својата европска асоцијација, најголемата партиска групација во Европскиот парламент, онаа на конзервативните, десничарски народни партии (ЕПП), заврши со дефинитивно разоткривање на унгарскиот блефер: Орбан и неговата Фидеш се суспендирани од членството во ЕПП. Европските медиуми велат дека тие остануваат со замрзнато членство во асоцијацијата, без право на глас и учество во дискусиите, во догледно време.

После ваквата шут-карта, Орбан бладаше нешто против мигрантите и „одбраната на христијанството“ во Европа, но тоа веќе никој не му го зема со сериозност.

На кратко: и Орбан се претера!

„Практично, ова значи дека Фидеш повеќе не може да предлага кандидати за функции во партијата (ЕПП), повеќе нема да можат да гласаат на какви било собири на ЕПП и дури веќе не им се дозволува ни да учествуваат на ниту еден од нашите состаноци“, ја цитира Би-Би-Си изјавата по гласањето на лидерот на ЕПП, Манфред Вебер. На пример, веќе денес, Орбан нема да биде поканет на средбата со Меркел, Курц и другите европски конзервативни првенци, во очи на самитот на Европската Унија.

Патем, токму самата Унија ќе треба да решава за казните со кои може да се соочи Будимпешта заради гушењето на демократијата и загрозувањето на владеењето на правото во Унгарија, со што Брисел подолго време му се заканува на Орбан. Да биде иронијата уште поголема, аналитичарите велат дека мнозинството од поддржувачите на Фидеш се на јасни про-европски позиции, па Орбан и нема голем маневарски простор да ѝ се „сили“ на ЕПП, бидејќи неговите гласачи не би го поддржале самоволното „орбанистичко“ напуштање на ЕПП, со понатамошни уште поголеми компликации за Унгарија по самото нејзино членство во ЕУ.

Што би се рекло, со оваа силна шлаканица, на Орбан му се става до знаење дека во Европа „и над попот има поп“, и се чини дека неговата „попадика“ зборува германски.

Во наредните месеци, тројца именувани „мудреци“ од ЕПП ќе имаат за задача да направат извештај за тоа дали и кога оваа партија ќе заслужи да се врати во полноправно членство во својата европска партиска асоцијација, но јасно е дека тоа нема да се случи барем до летоска, по европските избори во мај.

Занимливо, гласањето за суспензија следувало после долга и жестока дебата на претставниците на осумдесетина европски партии (колку што членуваат во ЕПП), со огромно мнозинство против Орбан: 190 против 3. Уште позанимливо, самите претставници на Фидеш гласале за одлуката за сопствена суспензија!

Па, кои се овие тројца кои биле против? Искрено, не успеав да дознам, со оглед на доцните часови кога се изгласа одлуката и кога е пишуван овој текст, но прво ми паѓа на памет да не е, по некоја случајност, Мицкоски со својата екипа на состанокот во Брисел?! Или и тие – не знае човек што е пострашно?! – гласале за суспензија на партијата на својот идол и европски десничарски покровител, Виктор Орбан, во демократската јавност во Унгарија познат и како „Виктатор“?

Во ваквиот развој на настаните по „угледот“ на Орбан во Европа свој мал, но несебичен придонес даде и политичкиот „азулант“ Груевски. Целата прикаска со неговото бегство и „паркирањето“ во Будимпешта е незгодна епизода за Орбан, којашто тој мораше да ја објаснува наоколу. Замислете само како дополнително ќе се искомпликува позицијата на Орбан ако Грујо биде и официјално обвинет за инспирација и организација на терористичките активности од 27 април, за кои се веќе донесени неправосилни пресуди во Македонија. Ќе му го продолжи ли Орбан политичкиот азил на Груевски, ако овој биде директно имплициран во терористички потфати во сопствената земја?

Веројатно да. Ама, веројатно. Не е баш 100% да. И до кога?

Но, вистинското прашање е за ВМРО-ДПМНЕ: Не можевте во Европа да најдете некој поасолен за дружба и поддршка од овој Орбан?

civilmedia.mk