Нашиот комшија, Стевче

Криминалот во градежната мафија во Македонија секогаш се правел според закон. Законите се така направени, што во нив има доволно дупки и инстанци за арбитрарни административни одлуки, па не е тешко градежните маркички да се тегнат и растегнуваат по висини и ширини според потреба, локациите да се измислуваат со урбана акробатика како во кинески циркуси, а условите за градба, ако треба, се пропишуваат и толкуваат „одокативно“, во зависност од расположение, од временската прогноза и од водостојот на банкарските сметки. Материјата е така законски скроена, а потоа со години и надградувана и развивана, што нема шанса упатени луѓе да направат криминал, а да е вон важечките позитивни прописи што се на сила за таа област.

Во урбанизмот и човек да утепаш е според закон!

Затоа сум крајно изненаден што некој собрал храброст, а можеби и докази, да го гони еден Стевче Јакимовски, легендата на македонскиот општествено-политички и морално-политички систем – овде дури и нема потреба за иронија, апсолутно сите знаат за кој вид на персонални квалитети се мисли! – за сомневања за некаков вид на градежно-урбан криминал. Не верувам дека нашиот, општ, комшија, Стевче, бил толку невнимателен? Мислам дека ќе му се фатат за прописите…

Додуша, некни во судот Стевче влезе здрав и победнички расположен, а излезе со здравствена дијагноза за домашен притвор, па не е јасно што се случувало во тие петнаесетина часови помеѓу она кога, рано наутро, си во статус на осомничен, до приквечер додека предистражно-истражно не добиеш статус на обвинет. Можеби навистина собрале нешто непријатно и вознемирувачко за човекот познат по тоа што „никој ништо не му може“?!

А и штом видам случај со пет-десет осомничени за вмешаност во организиран криминал, јасно е дека обвинителот се подготвува за тнр. пристап со „хорско пеење“: прво некој од обвинетите ќе се истакне со соло-настап, па еден по еден ќе му се придружат неколку бек-вокали, на крај ќе биде вистински мал црковен хор од сведоци, да слушаш и да се крстиш што го снашло првообвинетиот. Делото само се шири, оди во непредвидливи насоки, вклучува нови моменти и сведоци, па може да ти се чини дека, на почетокот да си ја признаел вината, да ти била најпаметната одлука во животот. Бидејќи, обично, има една точка после која, во кривично-правна смисла, нема враќање.

Е, сега, политичките сојузници на Стевче веднаш рипнаа со тоа дека нашиот комшија Стевче е прекрасен човек и лидер на влијателна партија, дека се работи за предизборен притисок, за правно-политички тероризам, за закани и уцени и сл., бидејќи власта, јасно е, сигурно ги губи изборите…

И тоа е така, обично, во првиот ден по приведувањето. Потоа си оставен сам на себе, на доказите, на сведоците и на адвокатите. Сите те храбрат во првите 24 часа, но процесот си тече, товарот од обвиненијата е сè потежок, делата за кои те гонат не се „преговараат“ во партиски соопштенија и низ медиумски настапи. Во судот се бараат докази во твоја корист и контра-сведоци, другото надвор е забава за народ.

Еве, на пример, го спомнува ли некој Спире Ристовски? Или Миле Јанакиески? А Гордана Јанкуловска? Ееееј, каква сила беа на времето, планина од место помрднуваа! Денеска си течат судењата и никому, освен на најблиските, не му е особено важно кој од нив како ќе заврши. Мислам дека и Грујо ќе им ги преспие пресудите, ако му се погоди гулашот дента.

Така ќе биде и со соседот Стевче, политичка атракција за еден ден. Додуша, Стевче е како мачка, има девет животи и секогаш се дочекува на нозе. Само што овој пат покривот од ламарина како да е малку ужежен, ќе треба брзо и вешто да се цупка… Не му е прв пат.

civilmedia.mk