Општина Прилеп го реконструира градскиот стадион „Гоце Делчев“ и ќе гради комплекс на покриени базени во населбата „Точила“

Во тек е реконструкцијата на градскиот стадион „Гоце Делчев“. Во моментот се врши покривањето на северната трибина, а распишан е и тендерот со кој се реконструира останатиот дел од стадионот, целата јужна трибина под која ќе има ресторан, нови тоалети, оградување на стадионот и теренот, нов контролиран влез за гледачите, нови патеки под трибината, а ФФМ ќе ја заврши тревната површина. Прилепчани добиваат градски стадион по европски стандарди со кој ќе се гордееме сите, целиот фудбалски Прилеп, младите и спортистите.

После серија на консултации со експерти од областа на архитектурата и урбанизмот, како и со претставници на спортската јавност, градоначалникот Илија Јованоски и Општина Прилеп, започнаа со интензивни подготовки за изградба на комплекс од затворени базени во населбата „Точила“, наместо во спортската сала „Македонија“.

Причините заради кои наместо таму, комплексот на затворени базени ќе се гради во „Точила“, се нерачистените имотно-правни односи за самиот спортски објект и фактот што за спортската сала не е извршен технички прием.

Во завршна фаза е постапката за измена на Деталниот урбанистички план за делот од населбата „Точила“ каде ќе биде сместен комплексот со затворени базени, што е првиот чекор за изградбата на овој капитален и долгоочекуван проект за граѓаните на Прилеп.

Напоредно со измената на ДУП-от, во тек се активности за подготовка на Основниот проект, во којшто ќе биде проектирана големината на комплексот и архитектонскиот изглед. Експертските мислења одат во правец дека во рамки на покриениот комплекс може да има 2 или 3 базени, кои би се користеле за спортско-рекреативни и терапевтски цели.

Истовремено, во рамки на промената на ДУП-от, покрај комплексот од затворени базени, во населбата „Точила“ се предвидува и  изградба на целосно нова детска градинка, со што до крајот на идната година прилепчани добиваат два капитални проекти, а кои се дел од изборната програма на градоначалникот Јованоски.

Со одлука на Совет на Општина Прилеп, доделени се 3 милиони денари за фудбалскиот клуб „Победа“ и 1 милион денари за ракометниот клуб „Прилеп“, кои согласно закон ќе бидат исплатени после завршувањето на претседателските избори.

За старата Соколана, Општина Прилеп го раскина штетниот договор со кој екс градоначалникот Ристески, уште во 2017 година му овозможил на приватен правен субјект да располага со спортските објекти, со склучен договор за период од 20 години и без надомест, а според кој субјектот требало да изврши реконструкција, што никогаш не се случила. За ова беше поднесена и кривична пријава.

Претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Ристески, залудно потроши 3 мандати и десетици милиони евра од општинскиот буџет, а ги остави граѓаните на Прилеп без покриен базен и без градски стадион, иако тоа со години им го ветуваа.

Оттука, реакциите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ претставуваат само гол обид за собирање на дневно-политички поени, без никаква суштина и искрена намера за доброто на градот и граѓаните.