Русија ја признава Северна Македонија

Премиерот Зоран Заев, синоќа го прими рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кој му предаде копија од нотата на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, согласно која врз основа на одлуката на претседателот Владимир Путин оваа земја го признава новото име на нашата земја – Република Северна Македонија, соопшти владината прес служба.

На средбата во кабинетот на премиерот двајцата соговорници ги потврдиле заложбите на двете земји за одржување на традиционално пријателски односи низ активен дијалог.

„Посебно внимание на средбата беше посветено на поттикнувањето можности за зголемување на економската соработка, за што како особено значаен податок за потенцијалите говори фактот дека извозот на свежо овошје и зеленчук во јануари оваа година е зголемен за 90 отсто, во споредба со истиот месец во 2018 година“, се наведува во владиното соопштение.

Интензивирањето на економската соработка се очекува да биде и централна тема на наредната сесија на Мешовитата владина комисија за трговско-економска соработка меѓу двете земји, која треба да се одржи во Скопје.