Средба на градоначалникот Јованоски со ученици од програмата „Еразмус“

Во рамки на проектот „Ефективна употреба на мобилни апликации во образованието“, финансиран од Еразмус + програмата на ЕУ, градоначалникот Илија Јованоски денеска оствари средба со ученици и професори од СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ и нивните гости од средните училишта од Турција, Италија, Литванија и Унгарија.

Изразувајќи им топло добредојде во градот и во државата, градоначалникот Јованоски нагласи дека размената на искуствата, знаењата, заедничката интерактивна настава и работа на проектот, претставува огромен капитал на знаење и за професорите и за средношколците од петте земји.

Притоа, со своето обраќање градоначалникот ги запозна гостите со потенцијалите, знаменитостите и можностите кои ги нуди општината во областите на културата, економијата и туризмот.

„Овде е Могилата на непобедените која говори за нашата историја од НОБ, музејот на тутун, тука е музејот на икони, меморијалниот музеј „11 Октомври“. Во непосредна близина на Прилеп, се наоѓа и спомен куќата на основоположникот на современиот македонски јазик, граматика и правопис, Блаже Конески. Во околината на градот има бројни помали и поголеми рудници за мермер, гранит и други минерали коишто се особено барани на домашниот и пазарите во странство. Над градот се издига калето „Маркови кули“, кое што во себе крие посебна приказна. Манастирот Трескавец, со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ како еден од 100 споменици на културата кои што УНЕСКО бара да бидат заштитени“, истакна градоначалникот Јованоски.

Директорката на СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, Билјана Маркоска истакна дека како добри домаќини им ги презентирале повеќето позначајни културно-историски локалитети во општината, а дека во идните денови покрај работниот дел, гостите ќе имаат можност да ги посетат и да се запознаат со знаменитостите на градовите Охрид, Крушево и Скопје.

Мимоза Мијоска – професор по информатика и координатор на проектот „Ефективна употреба на мобилни апликации во образованието“, нагласи дека ова е веќе втора година откако се спроведува проектот во чии рамки учениците посетуваат работилници на кои изучуваат изработка на мобилни апликации кои потоа би се употребувале на мобилни телефони и таблети.

Гостите од Турција, Италија, Литванија и Унгарија, остануваат во нашата држава до 23.03.2019, до кога треба да ја реализираат целата агенда предвидена со проектот.