Умри машки?!

Мене ми личи дека апелите на професорката Силјановска СДСМ да не ѝ ги извртува изјавите во негативен контекст се, всушност, пораки до нејзините политички покровители од ВМРО-ДПМНЕ да ја намалат екстремноста на својот пред-политички речник. Јасно ѝ е и нејзе дека е непримерен речникот на Мицкоски за судењето на насилниците од 27 април со споредбите со Нирнбершките процеси – токму во деновите кога се одбележува годишнината од Холокаустот во Македонија – како и на Јанушев дека, додека македонските „патриоти“ ќе лежат в затвор, убијците од „Монструм“ се шетале на слобода – како тоа да има врска едно со друго, особено што и „Монструм“ е уште еден, маркантен случај во кој замешателствата на претходната (како и во случајот со „Диво насеље“), вмровско-дуиевска власт се сè уште под правосуден третман?!

Тој вид на потпалувачки, крајно-десничарски вокабулар, кој претходно ескалираше со валканата пропаганда за „крвавите раце на Заев“ и со изоставувањето на етничките албански гласачи во повикот да се гласа за Силјановска, се исклучително опасен развој на предизборната конфронтација на која инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Дури и Американците и Германците мораа да му закачат две-три заушки на лидерот на опозицијата, за тој малку да се совземе и да се „симне на земја“ во својот предизборен занес.

Па и самиот изборен слоган на Силјановска – „Гордана Силјановска Давкова е жената која во април машки ќе се бори во претседателската трка“ – е една типична десничарска, силеџиска, мизогена глупост според која не може жена од ВМРО-ДПМНЕ, евентуално, да победи на избори, доколку не покаже машки хормони или барем тетоважа со кама и нагант на бицепсот. Тиквари. „Умри машки“, работава. А изборниот спот ѝ се вика „Една жена ветува промени“… На што? На полот?

Мицкоски непромислено, заради свои партиски потреби, ја притиска Силјановска да го застапува „груевизмот“ во судирот со „заевизмот“ на претседателските избори. Затоа е речникот хистеричен, за да се „набилда“ контрапунктот на „груевизмот“, оти се свесни дека на тој наратив за „заевизмот“, со сите глупости на СДСМ и самиот Заев во власта, ќе му треба уште многу „квасец“ за да узрее како изборна понуда. Сепак, Силјановска тоа го голта со кутлача, иако со оглед на нејзината биографија и на општата интелектуална појава сосема не ѝ прилега, па мораат да ѝ додаваат политички тестостерон за да може тој товар предизборно да го „подигне“.

Но, многу ме интересира дали г-ѓа Силјановска ќе го повикуваше својот противкандидат Пендаровски на ТВ-дуел, за да ги расчистеле прекршувањето на „процедуралните правила“ од судењето за 27 април, доколку се случеше следново: на повик на Заев, од која било причина, да не се седи дома „во папучи“, да се собереше толпа од неколку илјади негови празноглави поддржувачи пред палатата на ВМРО-ДПМНЕ и, во организација на високи безбедносни и партиски структури, со асистенција на Муковски од внатре, да влезеа, да искршеа сè пред себе и да премлатеа дваесетина видни и помалку видни функционери на опозицијата, а Мицкоски да го влечеа онесвестен и целиот во крв по мермерот, мислејќи дека го отепале, во немо присуство или активна асистенција на десетици маскирани и немаскирани полициски службеници…

Дали и тогаш, наместо јасно и недвосмислено да го осуди тоа, хипотетичко, ужасно насилство, Силјановска ќе се занимаваше со „травестијата на правдата“ заради евентуалните процедурални пропусти на судењето на злосторниците? Или професорката мисли дека правдата е концепт којшто единствено зависи од почитувањето на правото, без потребата од јасни морални позиции за она што е добро и лошо во општеството? Тоа, можеби, би доликувало за избори на декан на правен факултет, а не на претседател на држава.

Многу е провидна замената на тезите да се разговара за процедурата во судењето на обвинетите за тероризам, без директна и недвосмислена осуда на нивните насилства. Дури и без разлика што ќе се случува со неправосилните пресуди од овој судски процес кај повисоките судови во земјава.

Се чини дека и на Пендаровски би му било попаметно да не влегува во заострување на својата реторика. Тоа не значи да не се занимава со ставовите на конкурентот, но да не се впушта во здодевната, а интензивна партиска престрелка помеѓу вмровците и сдс(м)овците, со речник кој наликува на осиромашен ураниум.

Има уште надеж дека овие претседателски избори нема да се претворат во вербална и политичка „граѓанска војна“. Од тоа би имале корист само оние кои сакаат што помалку граѓани да излезат на гласање на денот на изборите.

civilmedia.mk