Со касапскиот грав во манастирот „Свети Ѓорѓија“, ставена точка на карневалот „Прочка 2019“

Со традиционалниот ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ организиран од страна на „Прилепските мечкари“, заокружено е годинешното 18-то по ред издание на Меѓународниот карневал „Прочка 2019“.

Градоначалникот Илија Јованоски во оваа пригода ја истакна улогата на „Прилепски мечкари“ како здружение кое што има огромен придонес за дведецениското постоење на карневалот.

„Посниот ручек е последен чин од традиционалниот карневалски спектакл ‘Прочка 2019’. В година да се видиме за ист повод, ама со побројни, покреативни маски, повеќе забава и уживање за гостите-учесници и туристите“, порача градоначалникот Јованоски.

Градоначалникот Јованоски и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски во духот на вековната традиција ручаа посен грав на првиот ден од седумнеделните велигденски пости, во манастирот „Свети Ѓорѓија“.„Прилепски мечкари“ е маска која што ја носеле нив децениите познатите прилепски касапи. Многу од тие автентични маски, се зачувани во семејствата на касапите и нивната маска има посебна маршрута на христијанскиот празник „Проштени поклади“. Многу касапи се облекуваат во познатите маски кои што се посебно изработувани, украсувани и одат од куќа до куќа, посетувајќи ги сите касапи од рана изутрина. Со создавање на карневалот, оваа маска е одлика на Прилеп, и најмаркантна меѓу маските. „Прилепски мечкари“ се репрезент на карневалот и карневалски Прилеп, така што учествуваат на многу карневали ширум Европа, од каде често се враќаат со награди. 

 На ручекот со кој официјално почнуваат велигденските пости, присуствуваа околу 250 гости од Прилеп, меѓу кои и 40 члената група од Бугарија, која годинава беше дел од манифестацијата „Прочка 2019“.