Слепата улица на македонската опозиција

Феноменот на „слепата улица“ е релативно едноставен сообраќаен проблем: за да излезете од слепата улица, мора да се вратите по патот од кој сте дошле во неа. Инаку сте осудени на бескрајно вртење во круг, замелушени од центрипеталната сила на привлечната моќ на центарот на тоа вртење.

За разлика од слепата улица, кружниот тек е слично вртење во круг, но со можност секогаш да се исклучите во некоја улица на десно, па макар и свртеле неколку крукчиња додека сфатите дека треба да фатите некој пат што центрифугално ќе ве „лансира“ вон кружниот тек.

Нашата опозиција во моментов е зафатена во инерцијата на бескрајното вртење во слепата улица – во таа Cul-de-Sac – на својата политика, безнадежно чекајќи да се појави некое вртење в десно, но да не е патот по кој дојдоа во самата слепа улица. Се вртат ли се вртат, а сега до себе во тоа бесмислено кружење си ја седнаа и претседателската кандидатка, па заедно се нишаат вртејќи ги заносните крукчиња.

Излез од таа слепа улица? По истиот пат по кој влегоа во неа. Кој е тој пат?

На две важни теми се „довезе“ опозицијата по патот по кој заглави во слепата улица на својата политика: првата е односот кон „груевизмот“, односно кон ликот и делото на нивниот почесен претседател пребеган во странство (со сите криминално-насилнички перипетии што спаѓаат во тој „пакет“ со кои треба самата да се конфронтира опозицијата); втората е односот кон неочекуваниот успех на Преспанскиот договор и следствениот евро-атлантски пробив на земјата.

Додека не се симне од рингишпилот на овие две крупни теми од македонското секојдневие и, преиспитувајќи ги своите ставови, не мрдне од кружната инерција со која „си ја брка опашката“, раководството на опозицијата ќе робува на бескрајните повторувања на тезите со кои се обидува да ревидира два процеси што нацијата веќе ги остава зад себе, бидејќи Македонија не се врти во кругот на кој самата се осуди опозицијата.

При тоа, реториката на опозицијата ескалира, сè повеќе се сведува на осиромашениот речник на квази-патриотизмот, национализмот и вокабуларот на деветнаестовековната потрага по „загубениот идентитет“, бидејќи расте очајот од дезориентацијата што не можат (или не сакаат) да го видат патот по кој треба да кинисаат вон слепата улица. Таму заглавени, и коалицискиот капацитет им се троши во „ротацискиот“ капацитет, бидејќи и македонските политички партнери, а за албанските збор да не стане, не сакаат да губат време на две, во суштина, надминати теми за дискусија.

Македонија нема време за вртење в круг. Тоа на опозицијата ќе ѝ го покажат и бројките на освоени гласови со кои ќе се соочи на овие претседателски избори. Тие ќе бидат такви што нема да го оправдаат понатамошното вртење во темите на слепата улица во која се заглавени. Потоа таа расправа ќе се претвори во барање одговорност за потрошеното време и енергија на погрешни теми, ќе се бараат оставки и отчет за неуспехот.

Што и да се случува понатаму, едно е јасно: од слепата улица се излегува само по патот по кој сте дошле во неа. Друг начин нема. А може да се најдат други луѓе што ќе го поведат патот…

civilmedia.mk