16 јануари низ вековите

27 п.н.е. – Римскиот сенат му ја доделил титулата „Август“ (латински: велик, славен) на Октавијан. Подоцна, сите римски цареви си ја придодавале оваа титула.

1492 – Првата современа граматика, граматиката на шпанскиот јазик ѝ е претставена на кралицата Изабела I.

1547 – Кнезот Иван IV Василјевич, во историјата познат како Иван Грозни, во Москва е крунисан за руски цар.

1605 – Излегло од печат првото издание на „Генијалниот витез Дон Кихоте од Манча“ од Мигел де Сервантес.

1778 – Франција ја призна независноста на САД, кои водеа ослободителна војна против британското колонијално владеење. Во борбата на страната на Американците учествуваа неколку илјади Французи, меѓу кои и маркизот Ла Фајет, еден од најистакнатите воени соработници на Џорџ Вашингтон. Победата на САД и демократското уредување на новата држава имаше голем одек во Франција, каде што набрзо дојде до буржоаската револуција.

1920 – Во САД е воведена прохибиција (забрана) на производство, точење и уживање на алкохолни пијалоци. Оваа мерка не доведе до подобрување на општествените прилики, туку, напротив, лавината на корупцијата и на ганстерството доби уште поголем замав. Прохибицијата во 1933 година ја укина претседателот Франклин Рузвелт, отфрлајќи ја како штетна, утопистичка идеја.

1945 – Адолф Хитлер се преселил во подземниот бункер во Берлин, каде што и се самоубил 4 месеци подоцна.

1979 – Реза Пахлеви, иранскиот шах, избегал од земјата. Иран станува исламска република под водство на верскиот лидер Хомеини.

1996 – Одржано е основачко собрание на партијата Македонска алијанса. Регистрирана е на 22.03.1996 година, а промовирана на 14.06.1996 година. За претседател на партијата е избран Ѓорѓија Атанасовски.

2008 – почина Никола Кљусев, македонски економист, универзитетски професор, научен истражувач, општественик, член на МАНУ и прв премиер на Република Македонија по прогласувањето на независноста од Југославија.