Јованоски за половина година го намали долгот на „Комуналец“ за приближно 200.000 евра и кон вработените и кон доверителите

Со домаќинско работење, штење на бројни дотогаш огромни трошоци по разни основи, в.д. директорот Ѕвонко Јованоски,којшто од нова година дојде на чело на ЈКП „Комуналец“ на местото на ексдиректорот Златко Ристески, успеа за приближно 200.000 евра да ги намали обврските на претпријатието.

Од нив 111.000 евра се исплатени обврски кон доверителите, а над 80.000 евра се исплатени обврски кон вработените, по основ на низа работнички плата дефинирани со Колективниот договор и Законот за работни односи.

Во ЈКП „Комуналец“ е намален добро познатиот тренд на поднесување тужби на вработените, кои бараа по овој основ исплата на тринаесетта плата, јубилејлна награда, надоместок за оние работници што го остваруваат правото на пензија итн.

Како што рече Јованоски, на денешната прес конференција, домаќинското работење е рецептот за намалување на затекнатите обврски на 31.12.2017 во висина од 24.477.000 ден. по 6 месеци на 17.613.239 ден.

Јованоски, истакнува дека процесот на штедење и домаќинско работење мора да продолжи, со цел да се намалат и другите преку 17.6 милиони денари обврски само кон доверителите.

„Ги намаливме сите непродуктивни трошоци за репрезентација, службени патувања, адвокатски и судски трошоци, а истовремено се зголемени фактурираните услуги кон граѓаните и фирмите, воедно е зголемена реализацијата на наплатата“, ја откри тајната на намалените обврски, кои што го направија крајно непопулаерен претходникот на Јованоски, братучедот наексградоначалникот Марјан Ристески, Златко Ристески.

Додека Ристески беше познат по тоа што, вработените со тужби му изразуваа незадоволство од неговото менаџирање и кратење на нивните работнички права, в.д. директорот Јованоски, остварил како што вели средби со сите вработени, објаснувајќи им ги предностите, доколку ја прекинат таа спирала на тужби, а се создадат услови,на сите согласно со законските регулативи да ги остваруваат своите права.

 

Но, овие податоци презентирани на денешната прес конференција, потврдуваат дека процесот на финансиска консолидација на ЈКП „Комуналец“ е во напредна фаза и дека претпријатието со околу 350 вработени полека бележи напредок.

Јованоски вели дека освен неисплатените плати и додатоци на плата, на денот на неговото доаѓање на чело на јавното комунално претпријатие наследил огромни долгови за стар репрограмиран ДДВ, неисплатени обврски за ДДВ, камата за задоцнето плаќање за 2017 година, како и милионски обврски кон разни добавувачи.

„Наследив обврски по разни основи во вредност од околу милион евра, или поточно 55.000.000 денари. Воедно, наследив стар дотраен возен парк со просечна старост од 24 години и ова е еден од најтешко решливите проблеми во собирањето и транспортирањето на отпадот, за да можеме непречено да ја остваруваме нашата основна дејност.Со моето доаѓање наследив и еден мегаломански проект, изградба на хала за секундарна селекција на отпад, чија вредност се’ уште не е исплатена и со сериозни забелешки за нејзината економска исплатливост“, изјави Јованоски.

Во моментов пак околу 95% е реализацијата на наплатата кај коминтентите, или повеќе собрани пари во вредност од 562.625 денари.