Честито реконструкција! Деконструкција кога?

Кога на 29 мај 2017 година беше познат составот на Владата на Заев, напишав рафал (број 25) со наслов: „Честито Влада! Реконструкција кога?“. Не чекав 100 дена од неколку едноставни причини. Режимот на Груевски навистина се разниша од корен на изборите во декември 2016, но потоа следеше долг и мачен период кога вемеро повикуваше на „долги ножеви“, бараше од Бејли да си оди дома, а кога Собранието конечно се конституираше на 27 април, познатата злосторничка дружина изврши крвав напад врз законодавниот дом. Потоа, мандатот не го даваше марионетата на груевизмот, Иванов, кој замина дури во мај оваа година во незаслужена доживотна пензија (што ќе му ја одземат граѓанките и граѓаните). Преговорите се водеа зад затворени и полузатворени врати, под силен притисок на времето, јавноста и безбедносните импликации на терористичкиот напад врз Собранието и сето темно наследство на режимот. Тие преговори беа, всушност, преговори со режимот. Така, владата на Заев во тој момент немаше на располагање ни 100 минути, а камоли 100 дена.

Владата на Заев беше робусна во самиот старт, со преголем број министерства и министри, со структура која беше очигледен менаџмент на една нестабилна коалиција составена од голем број довчерашни (и сегашни) слуги на криминалниот режим. За окото на помалку упатените, тоа беше чуден, до некаде и скандалозен избор на имиња, а непријатните изненадувања не се однесуваа само на имињата на партијата на долгогодишната политичка невеста на Груевски, Али Ахмети, кого, некако, сите го прифаќаат како нужно зло. Мојата оценка тогаш беше: „СДСМ изненади со отсуството на креативност во делот од владата во која контролата не ја наметна ДУИ. Се чини како да ја презеде структурата на претходната, гломазна и неефикасна влада-лавиринт. Ваква каква што е, оваа влада е зрела за реконструкција веќе утре.“ Денеска можам да ја повторам, па и да ја засилам истата констатација. Не смее да се заборави, родовиот дисбаланс на тогашната, како и сегашната, реконструирана Влада, беше уште едно од непријатните изненадувања што, во суштина, беше огледало на еден типично машки (и маскулинистички) карактер на македонската политика.

Без намера денеска да навлегувам во поединечните персонални решенија на премиерот Заев, сакам да ја потсетам и јавноста, па и себе си, дека тоа што овие две години го имаме како влада е компромис. Во еден голем дел, тоа е тежок, болен, високо проблематичен компромис. А компромисот е една голема порта низ која, во животот на една влада, со крупен чекор влегуваат сите непријатни димензии на едно проблематично практикување на власта на дневна основа, а кои најчесто се поврзуваат со дефинициите за корупција и злоупотреби.

Ајде да ја погледнеме концепцијата на составување влада во еден поширок контекст. Ова ви е една земја во која повеќето (ако не и сите) политички партии се групи во кои првиот и последниот интерес се парите и потребата да се биде барем блиску до ногарките од трпезата на моќта. За да се формира влада во една ваква земја, треба тие апетити и да се задоволат. Ако не се формираше таква влада, ќе ја имавме онаа на Груевски, само со многу повеќе насилство и дивеење. Сепак, да се формира подобра влада од шпилот што му беше (и сега му е) наместен на масата на Заев, сигурно можеше. Дури и оваа и ваква влада, можеше многу подобро и многу повеќе. Реконструираната влада на Заев можеше да биде и многу подобра, ама дали можеше да биде помала и поефикасна? Тешко. И самиот Заев, во една изјава, потсети дека тој може да гради влада и практики врз основа на тоа каков е распоредот на силите во парламентот што, пак, зависи од тоа кој како гласа(л) на парламентарните избори. Изјава што произлегува од реалноста на која често забораваме.

Пропустите на голем број министри се колосални. Наспроти нив, стојат колосални постигнувања на истата таа влада, ако ја гледаме во целост. Некои постигнувања имаат и историско значење (Договорот со Грција, Бугарија и сите други соседни земји). Со таква (некои ќе кажат никаква) влада на располагање, Заев постигна молскавична брзина на зачленувањето во НАТО и исто такво приближување кон датум за почеток на преговорите со ЕУ). Резултат: пата – пата? Па, не сум сигурен. Поединечните оценки на јавноста за голем број ресори во гломазнава ни влада се многу ниски: образование, здравство, правда, екологија, економија… (има уште)… Не заборавајте, во прашање е компромисот. Со такви, компромисни и коруптивни решенија, Груевски градеше авторитарен режим чии основни алатки беа структурното насилство, изборната измама и медиумскиот мрака.

Затоа, денеска, освен што иронично ќе кажам „Честито реконструкција!“, истовремено ќе го поставам и прашањето: „Деконструкција кога?“ Бидејќи, деконструкцијата на режимот на Груевски и целосното ослободување на македонското општество сѐ уште е во рана фаза, четири години од првите објави на бомбите на Заев. Режимот не е деконструиран. Добро знаете што значи тоа. И не зависи само од владата!

 

ПС. Добредојдовте во мојата нова сезона „рафали“. Ова е триста и првиот. Ќе терам до илјада.